Омилените фирми на владата, претходно фаворизирани од Драги Рашковски како генерален секретар на владата повторно добија тендер за софтверски лиценци во вредност од над 26 милиони долари, соопшти Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„На 1-ви септември потпишан е договор помеѓу владата, во чие име потпишува генералниот секретар Методија Димовски, и фирмата „Аитоникс“ од Скопје, а веќе на 5-ти септември овој договор е влезен во сила.
Овој договор е за софтверски лиценци, и со пресметан ДДВ тежи 26 милиони 429 илјади и 350 долари.
Не може да не се напомене дека овој договор од над вртоглави 26 милиони долари за софтверски лиценци, е последователен за истата фирма којашто во 2020-та година склучи договор со Драги Рашковски, токму пред неговото заминување од местото генерален секретар на владата, исто така на три години, со тогаш рекордни 15 милиони евра за софтверски лиценци за администрација! Тендер којшто не мина без скандал односно, со повторена постапка и со избришани претходни поставени услови?
Исто како и претходно за да нема нови тендери, владата договорила само да плаќа фактури во следните три години, пракса која што се спроведува низ сите институции, со склучување т.н. Рамковни договори.
Се поставува прашањето како е можно договор за лиценци којшто пред 3 години вредел 15 милиони евра, сега да тежи над 26 милиони долари?
Во кој дел владата во овие три години го напреднала работењето, услугите на администрацијата, за да сега за лиценци и компјутерски програми плаќа дури 26 милиони долари, односно дури 9 милиони евра повеќе?
И можеби најважното, како е дојдено фирмата потписник со Драги Рашковски во очи на избори, да склучува договор со владата на три години со рекордна цена од над 26 милиони долари?
Нема за лекови, нема за учебници, нема за пензии, нема за плати, ама на 1-ви септември владата има 26 милиони долари за лиценци за софтвери.