На посебна свеченост, Град Скопје ги прогласи најдобрите спортисти од метрополата за 2019 година. Наградата за најдобар спортист на Скопје за 2019-та отиде во рацете на Стојанче Стоилов, ракометарот и капитен на РК Вардар, актуелен европски шампион. Во изборот на петте најдобри се најдоа и борачите Могамедгаџи Нуров и Елмедин Сејфулахи, пливачот Евгениј Поп Ацев и каратистот Петар Заборски.
Најдобра спортистка на Скопје за 2019-та е прогласена Сара Радичевска од Карате клубот „Макпетрол“, која го освои сребрениот медал на Европските Универзитетски Игри.
Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија е најдобар младинец, додека најталентирана младинка/кадет е тенисерката Александра Симева. Наградата за најдобар тренер отиде кај Суфијан Исмаили, тренер во боречкиот клуб Лирија, ракометарот на Вардар, Даинис Криштопанс ја доби наградата за најдобар странец кој настапува во екипа од Скопје, а РК Вардар и оваа година е најдобриот спортски колектив од метрополата.
Во изборот најуспешен спортист во категоријата на лица со посебни потреби признанието му припадна на Марио Мицковски од Специјална Олимпијада за освоено прво место во пливање – 50 м. слободен стил и прво место во пливање – 25 м. грбно на Летни олимписки игри на Специјална Олимпијада.