Столтенберг: Членството во НАТО ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот

Порака од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг: Членството во НАТО ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници.

Македонија е вреден сојузник на НАТО – вели Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во честитката за, како што рече, успешната прва година на Македонија во Алијансата.

-Во видео обраќањето по повод годишнината, тој рече дека Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките. Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност – вели Столтенберг.

Нарекувајќи јаМакедонија сигурен извозник на безбедност, Генералниот секретар го поздрави учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.

-Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам кога го посетив Кабул. Македонија е сигурен извозник на безбедност” – рече Столтенберг и го поздрави планот за инвестирање на 2% од БДП во одбраната. НАТО помага во создавањето на стабилност што е темел на економскиот раст – додаде тој.

Генералниот секретар на Алијансата се осврна и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани и рече дека на следниот Самит на НАТО ќе биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.

-Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес на нашата заедничка безбедност. И благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани заклучи Столтенберг.