
НАТО е решителен да ја запре натамошната ескалација на војната во Украина, изјави во четвртокот генералниот секретар на североатлатнскиот пакт, Јенс Столтеберг.
„НАТО има одговорност да спречи натамошна ескалација на овој судир. Тоа би било уште поопасно и би предизвикало повеќе патења, смрт и разорувања“, изјави Столтенберг на заедничката прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Столтенберг ги предупреди членките на Алијансата дека „мирот и сигурноста не можеме да ги земаме здраво за готово“.
Генералниот секретар додаде дека ги поздравува напорите на германскиот канцелар да најде дипломатско решение за војната, вклучително и директните контакти со рускиот претседател Владимир Путин. Ја пофали и Германија за воената и хуманитарна поддршка на Украина.
Столтенберг пред новинарите рече дека „војната на претседателот Путин против Украина го уништила мирот и го шокираше светот“. Им одаде признание на киевските сили и вети дека ќе продолжи да ги поддржува „за да се поддржи правото на самоодбрана содржано во Повелбата на Обединетите нации“, на што всушност се повикува и Русија во оправдувањето на својата офанзива.
Канцеларот Шолц рече дека Германија ги зголемила средствата за своите вооружени сили за да осугури „дека НАТО е способен да ги исполни своите должности и мандатот“.