НАТО во вторникот соопшти дека не гледа непосредна воена закана од Русија за која и да е членка на алијансата, но дека продолжува да ја обезбедува територијата од заканата во најголемата вежба во последните децении, која ќе започне кон крајот на оваа седмица.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, им рече на новинарите во Брисел дека НАТО го прави тоа за да „силите се подготвени да ја отстранат секоја можност за погрешно проценување или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да го заштитиме секој милиметар од територијата на НАТО, и сѐ додека го правиме тоа нема да има напади на територијата на НАТО“.
НАТО потпиша договор од 1,1 милијарда евра за артилериска муниција од 155 милиметри, соопшти Алијансата во вторникот, а дел од гранатите ќе ѝ бидат доставени на Украина, по поплаките дека недостигот од муниција ги попречува нејзините воени напори.
„Војната во Украина стана битка на муницијата“, изјави генералниот секретар на НАТО по церемонијата на потпишување во седиштето на алијансата во Брисел.
НАТО склучи договор во име на неколку сојузници коишто или ќе ги проследат гранатите во Украина или ќе ги користат за снабдување на сопствените резерви, кои се значително исцрпени. Купувањето на големо, обезбедува пониски цени, толкуваат од алијансата.
Со договорот најверојатно ќе се купат околу 220.000 парчиња артилериска муниција, а првите испораки се очекуваат на крајот од 2025 година, изјавил претставник на НАТО за Reuters. Според извор запознаен со индустријата, муницијата ќе биде испорачана од францускиот производител на оружје „Nexter“ и германскиот „Junghans“.