Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе го заврши својот мандат како што е планирано во октомври, одговориле од Алијансата, откако во Германија беше објавено дека земјите членки би можело уште еднаш да го обноват неговиот мандат.
„Мандатот на генералниот секретар Јен Столтенберг беше продолжуван трипати и тој отслужи вкупно речиси девет години. Мандатот на генералниот секретар истекува во октомври годинава и тој нема намера да бара продолжување“, изјавила портпаролката Оана Лунгеску доцна во саботата
Германскиот весник Welt am Sonntag објави дека мандатот на Столтенберг на чело на воено-политичкиот блок ќе биде продолжен за да се зачува стабилноста во време на војната во Украина, што веќе беше сторено трипати изминатата година.
Според написот во Welt am Sonntag, земјите членки сакаат Столтенберг да претседава со организацијата по повод 75-годишнината којашто ќе биде одбележана во април 2024 година во Вашингтон. Се додава и дека Столтенберг ќе биде во позиција да конкурира за претседател на Светската банка кога, некако во исто време од таа позиција ќе отстапи Дејвид Малпас.
Сѐ уште нема назнаки кои би укажувале кој би го наследил Столтенберг, но Welt am Sonntag пишува дека меѓу водечките кандидати се шпанскиот левичарски премиер Педро Санчез и британскиот конзервативен министер за одбрана Бен Валас.
Поранешниот италијански центристички премиер и претседател на Европската централна банка (ECB), Марио Драги, и романскиот претседател Клаус Иоханис, исто така се споменуваат како кандидати за челното место на Северноатлантскиот воен сојуз, пишува германската агенција DPA.
Според агенцијата, Столтенберг, го стекнал признанието како вешт преговарал меѓу 30-те членки на НАТО кои значително се разликуваат во некои прашања. Особено се смета успешен во смирувањето на спорот за потрошувачката за одбрана кое државите членки на Алијансата треба да ја издвојуваат, а тоа прашање беше жешко во време на мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Столтенберг остана во продолжениот мандат за да ги координира акциите на НАТО во врска со војната во Украина и големото снабдување со оружје на Киев, а претходно ја водеше Алијансата во нејзиното геополитички зајакнување на истокот на Европа и поинтензивно и подиректно координирање со сојузниците на Пацификот,
Столтенберг сега е генералниот секретар на НАТО со вториот најдолг мандат, а од него подолго беше само Јозеф Лунс од Холандија, кој должноста ја извршуваше од 1971 до 1984 година.
Одлуката, којашто се носи едногласно, за новиот генералниот секретар 30-члениот блок треба да ја донесе на самитот во Вилнус.
Ланскиот февруари, двесеттина дена пред почетокот на руската инвазија во Украина беше објавено дека Столтенберг, чиј мандат завршуваше во септември 2022 година, треба да застане на чело на Норвешката централна банка. Столтенберг е генерален секретар на НАТО од 2014 година, а претходно беше норвешки премиер од 2005 до 2013 година.
Кандидатурата на Столтенберг за функцијата гувернер на Централната банка тогаш ја следеа контроверзии во Норвешка, делумно поради неговото блиско пријателство со актуелниот норвешки премиер Јонас Гар Сторе, колега од социјалдемократите.