
Столтенберг кажа дека пандемијата на коронавирусот „ги засилила постојните тензии и трендовите кога станува збор за нашата безбедност“, а дека подемот на Кина која е на второто место во светот според вложувањето во војската бара „глобален пристап“ на членките на НАТО.
„Подемот на Кина суштински ја поместува глобалната рамнотежа на моќта, засилувајќи ја трката за економска и технолошка доминација, како и заканите кон отворените општества и индивидуалните слободи“, кажа Столтенберг.
Неговиот коментар покажува дека Кина се искачува на агендата на воениот пакт, а го изнесе во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги критикува европските сојузници на НАТО дека не трошат доволно за војската, бара меѓународна поддршка за поостар пристап кон кинеските технолошки компании како Хуавеј.
„Ни се приближуваат во сајберспејсот, ги гледаме на Арктикот, во Африка, инвестираат во нашата клучна инфраструктура“, кажа Столтенберг зборувајќи за Кина на настан организиран од Атлантскиот сојуз и германскиот Маршалов фонд. „Сѐ повеќе соработуваат со Русија, а тоа има безбедносни последици за НАТО сојузниците“.
Столтенберг одби да ги коментира извештаите за планот за намалување на американските воени сили во Германија кажувајќи дека станува збор за шпекулации. „Она што можам да го кажам е дека постојано сме во консултации со САД и другите сојузници за позицијата и присуството на нивните трупи во Европа“, кажа Столтенберг.
Тој потоа на Твитер објави дека разговарал со Трамп за важноста на „зачувувањето на силата на НАТО“.