На нивниот дводневен состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе разговараат и за ситуацијата на западен Балкан, каде што има „малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“, изјави во понеделникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Ќе разговараме и за ситуацијата на западен Балкан, каде што гледаме сецесионистичка реторика која носи раздор во Босна и Херцеговина и малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“, рече Столтенберг на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО кој почнува во вторник во Брисел.
Генералниот секретар го спомена и сериозното насилство на северот на Косово.
Додаде дека министрите ќе разговараат со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, за тоа како да се зајакне стабилноста во регионот.
„НАТО веќе испрати дополнителни илјада војници на Косово и размислуваме за потрајно зголемување на нашиот мировен контингент“, рече Столтенберг.
Нагласи дека Србија и Косово мора уште еднаш да се вклучат во дијалог под покровителство на ЕУ.
„Стабилноста зависи од тоа дали сите страни ќе изберат дијалог и дипломатија наместо конфликт и хаос“, додаде генералниот секретар на НАТО.