Столтенберг: Сецесионизмот и Русија ја загрозуваат стабилноста на БиХ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди во понеделникот во Сараево дека „сецесионистичката реторика“ и „руското влијание“ се закана за стабилноста на Босна и Херцеговина.

Столтенберг пристигна во официјална посета на Босна и Херцеговина, каде лидерот на босанските Срби, Милорад Додик често се заканува со распаѓање на земјата поради според него непочитувањето на Дејтонскиот мировен договори обидите да се поништи српскиот ентитет во БиХ , а истовремено ги зајакнува врските со Москва, што предизвика бројни осуди и зголемени вербални конфликти меѓу клучните домашни политичари.

По работната вечера со членовите на Претседателството на БиХ во неделата вечерта, генералниот секретар на НАТО ден подоцна се сретна со претседавачот на Советот на министри на таа земја, Борјана Кришто и министрите за надворешни работи и за одбрана, Елмедин Конаковиќ и Зукан Хелез.

После тоа, Столтенберг изјави за новинарите дека НАТО „силно го поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и е загрижен поради сецесионистичката и реторика на поделби, како и надворешните влијанија, особено Русија“. „Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослаби реформите“, рече Столтенберг.

Потсети дека НАТО со години дејствува во БиХ, бидејќи земјата и регионот ја смета за исклучително важна, а сака да ја продлабочи соработката преку политички дијалог и практична соработка, вклучително и поддршка за воената мисија „Алтеа“ предводена од Европската унија. Ја изрази својата поддршка за напорите за подобрување на одбранбените капацитети на БиХ, како и на евроатлантскиот пат на земјата, додавајќи дека конечните одлуки и одговорноста за ова остануваат на политичарите во БиХ.

„Секоја земја има право да избере свои безбедносни аранжмани без надворешно мешање“, рече Столтенберг, свесен за длабоките поделби во Босна и Херцеговина околу можното членство во Алијансата, на што жестоко се противат во Република Српска.

Кришто рече дека соработката со НАТО е можност за зајакнување на безбедносните и одбранбените капацитети со цел ефективно да се одговори на постоечките закани. Таа му се заблагодари на Столтенберг за пакетот помош од НАТО вреден околу 50 милиони евра преку девет различни проекти. Кришто додаде дека во БиХ се свесни за реформите што мора да се спроведат за земјата да стане членка на НАТО, но таа посочи дека за тоа е потребен политички консензус во земјата и преку дијалог и меѓусебно почитување да се донесе таква одлука. .

„Активно ќе работиме на постигнување консензус“, рече Кришто.

 

Спротивни позиции на Претседателството на БиХ

Од 2019 година БиХ има одобрен Акционен план за членство (MAP), кој подразбира усвојување на годишни планови за реформи, но тој сè уште не е усвоен за 2023 година токму поради внатрешно-политичките поделби.

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, со кои Столтенберг разговараше во неделата, само ги потврдија познатите спротивставени позиции. Додека членот на државниот врв Жељка Цвијановиќ рече дека му пренела на Столтенберг дека Република Српска продолжува да се противи на членството во НАТО, бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ рече дека е јасно оти влезот во Алијансата е обврска која произлегува од Законот за одбраната на БиХ и дека дополнително приклучувањето кон Европската унија останува приоритетна задача.

Двајцата ја оценија и безбедносната ситуација во Босна и Херцеговина на сосема различни начини. Додека Цвијановиќ рече дека нема безбедносни закани во Босна и Херцеговина, Беќировиќ тврдеше дека властите на Репулика Српска го загрозуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина, кој мора да престане.