Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во сабота ќе присуствува во Анкара на полагањето свечена обврска на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, објави во петокот Северноатлантскиот воен сојуз, откако Столтенберг претходно најави дека ќе ја посети Турција за да се обиде ја убеди да го поддржи влезот на Шведска во Алијанската „што е можно побрзо“.
Столтенберг во текот на посетата во сабота и недела ќе има билатерални состаноци со Ердоган и со неколку високи турски функционери, соопштија од НАТО.
Во четвртокот челникот на Алијансата најави дека наскоро ќе ја посети Турција, за да се обиде да ја убеди да го поддржи влегувањето на Шведска во НАТО „што е можно побрзо“,
Турција и Унгарија се последните од 31-те членки на НАТО кои сѐ уште не го ратификуваа протоколот за прием на Шведска во воениот блок. Финска, којашто ланскиот јуни го поднесе барањето заедно со Шведска, и формално стана членка на 4-ти април.
Турција ги обвини Финска, чиј прием подоцна го ратификуваше, а особено Шведска дека ги штити и им дава политички азил на припадниците на забранетата како терористичка организација во Турција, САД и ЕУ на Работничката партија на Курдистан (PKK) и на FETO, движењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој живее во егзил во САД, кои ги стави на листата терористички организации. Односите се влошија кога шведските власти во јануари дозволија два собира во близина на турската амбасада во Стокхолм, првиот на кој курдските активисти обесија наопаку кукла со ликот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган а седна седмица подоцна на данско-шведски десничарски екстремист кој на истото место ја запали светата книга на муслиманите Куранот.
Шведска одговори дека не се меша во работата на судовите кои ги забранија екстрадициите на лицата кои ги бара Турција, а потоа и дека наводно не добила прецизен список.
Во меѓувреме шведскиот парламент изгласа закон со кој ги забранува активностите поврзани со екстремистички групи, со што ги заостри законските мерки против тероризмот. Законот стапи на сила во четвртокот, со што Стокхолм смета дека го исполнил едно од клучните барања на Анкара.
„Убеден сум дека и Унгарија ќе го ратификува протоколот за пристапување“, рече Столтенберг во четвртокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Осло.
На тој состанок шефот на шведската дипломатија Тоиас Билстром тврдеше дека неговата земја сега ги исполнува сите услови за пристапување на НАТО, „вклучително и новиот закон за тероризмот“ и ги повика Турција и Унгарија повеќе да не ја блокираат неговата земја.
Унгарија, којашто како и Турција, попушти во однос на пристапувањето на Финска, во прашањето на Шведска има големи забелешки предизвикани во прв ред од улогата на оваа земја во критиките на Будимпешта од страна на Европската унија по низа прашања поради нејзината суверенистичка политика и блокирањето на нејзиниот пристап до заедничките фондови.
Многу министри на состанокот во Осло изразија желба за брз прием на Шведска пред самитот на НАТО во Вилнус на 11-ти и 12-ти јули, што Столтенберг го оцени како „сосема можно“.
Меѓутоа се случи нов инцидент кој ја потцрта кревкоста на шведската кандидатура. Прокурдска групација објави на почетокот од неделата на социјалните мрежи видео-снимка на којашто е претставена проекцијата на знамето на PKK на фасадата на шведскиот парламент. Турција го осуди тоа како „неприфатливо“ и побара од Стокхолм да ги забрани одржувањето на протестот на активистите блиски на PKK и курдските вооружени групи во Сирија, кои ги вооружуваат и обучуваат САД, закажан за недела во шведската престолнина.