Столтенберг во Сеул за јакнење на врските на НАТО со Азија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Стеолтенберг во неделата пристигна во Јужна Кореја во рамките на неговите патувања чијашто цел е јакнење на врските на Североатлантскиот воен сојуз со американските сојузници во заднината на војната во Украина и сѐ поизразените тензии со Кина околу Тајван, а во понеделник ќе ја посети Јапонија.

Столтенберг во јужнокорејската престолнина Сеул се сретна со министерот за надворешни работи Парк Џон а во текот на денот ќе се сретне со претседателот Јун Сук-јеон и министерот за одбрана Ли Јонг-суп.

„НАТО е загрижен поради севернокорејските безобѕирни ракетни тестирања и нуклеарната програма на Пјонгјанг, додека војната во Украина има несакани последици во Азија. Тоа само нагласува колку сме меѓусебно поврзани“, изјави Столтенберг пред почетокот на средбата со Парк изразувајќи ги наводните сомневања дека Северна Кореја ѝ пружа „воена поддршка“ на Русија.

Двајцата функционери ги истакнаа „заедничките вредности“ меѓу земјите членки на НАТО и Јужна Кореја.

„Имајќи ги предвид денешните глобални предизвици без преседан, веруваме дека солидарноста меѓу државите кои споделуваат вредности на слободата, демократијата и владеењето на право е поважна од кога и да е“, рече Парк.

Столтенберг во понеделник ќе отпатува во Токио, каде што ќе се сретне со јапонскиот премиер Фумио Кишпида и други јапонски функционери.

Додека НАТО останува концентриран на својата примарна цел Европа и Северна Америка, врз неговите членки и натаму влијаат проблемите ширум светот, тврди Столтенберг во интервјуто за јужнокорејската новинска агенција Yonhap.

„Треба да се позанимаваме со тие глобални закани и предизвици, вклучително и предизвиците коишто доаѓаат од Кина, а еден од начините да го сториме тоа, секако, е поблиско да соработуваме со партнерите во регионот“, продолжи шефот на НАТО.

Јун и Кишида станаа првите челници на своите земји кои присуствуваа на самитот на НАТО ланскиот јуни во шпанската престолнина Мадрид, на кој им се придружија на челниците на земјите членки како набљудувачи, се чини, како почетокот на напорите за воспоставувањето на ткн „глобално НАТО“.

Набрзо по мадридскиот самит Јужна Кореја ја отвори својата прва дипломатска мисија во седиштето на НАТО во Брисел, обврзувајќи се дека ќе ја „продлабочи соработката по прашањата за неширење на нуклеарното оружје, кибернетичката безбедност, противтероризмот, кризните ситуации и другите безбедност области“.

Кина го критикуваше преку службените медиуми присуството на Јужна Кореја и Јапонија на самитот на НАТО како ширење на влијанието на воениот блок во Азија.

Северна Кореја, пак, изјави дека Северноатлантскиот сојуз во азиско-пацифичкиот регион ќе го воведе судирот кој беснее во Европа. Русија и Северна Кореја категорички ги отфрлија обвинувањата од САД дека наводно Пјонгјанг ѝ испраќа оружје на Москва за војната во Украина.

Северна Кореја во неделата втор ден со ред ја критикуваше одлуката на САД да ѝ испратат тешки офанзивни тенкови на Украина, нарекувајќи го тоа „неетично злосторство“ насочено кон перпетуирањето на нестабилната меѓународна ситуација.