Стотици договори за закуп на државно земјиште истекуваат, земјоделците ќе го изгубат правото на субвенции

На крајот на минатата година почнаа да истекуваат договорите на земјоделците за закуп на државно земјиште склучени во 2007 година и ако не се донесат измени на Законот за земјоделското земјиште, ќе го изгубат правото на субвенции, алармира министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. За да склучат нови договори, постојниот закон предвидува сложени и долги административни процедури, кои се олеснуваат со предложените измени. Министерот бара предложените измени веднаш да бидат донесени оти, освен тоа што веќе има 172 истечени договори за закуп, во следните месеци ќе истечат уште стотици.

„Повеќе од еден месец претседателот на собраниската Комисија за земјоделство не ја закажува седницата за да поминат измените предложени од пратениците со кои се олеснуваат многу постапки. Измените превидуваат можност земјоделците што имаат истечен закуп за земјоделско земјиште во државна сопственост да може непречено да го користат земјиштето сè до склучување нов договор и за него да го остваруваат правото на субвенции во периодот токму и на изборен процес“, рече министерот Николовски.

Додаде дека земјоделците не се виновни што токму во овој период ќе има избори и ги повикуваа и пратениците и претседателот на Комисијата на да не ги блокираат измените. Договорите се склучувани на 15 години се првите што истекуваат. Во следните месеци, април, мај и јуни, период потребен за формирање нова влада, ќе истечат во уште  поголем број.