Стотици илјади компјутери во Кина погодени од глобалниот кибернетички напад

Daniel Leal-Olivas/AFP/Getty Images

Стотици илјади компјутери и речиси 30.000 институции, вклучително и владини агенции, се погодени од глобалниот кибернетички напад кој започна во петокот, соопштија кинеските експерти за кибернетичка безбедност.

Погодени се најмалку 29.372 институции, од владини тела до болници и универзитети, објави компанијата „Qihoo 360“, еден од најголемите производители на антивирусен софтвер во Кина.

Ширум светот се погодени стотици илјади компјутери, од Русија, преку Шпанија, Мексико, Аргентина до Виетнам, а особено во Европа.

Нападот е изведен со таканаречениот „уценувачки“ софтвер (ransomware) кој користи баг во Windows за да го блокира компјутерот, а за деблокада бара одредена сума, во случајов од 300 американски долари во виртуелната електронската валута биткоин.

Компанијата „Qihoo 360“ објави дека штетниот софтвер особено брзо се проширил по институциите од високото образование, погодувајќи повеќе од 4.000 универзитети и истражувачки центри. Поради тоа десетици кинески универзитети издадоа предупредувања и им препорачаа на студентите да го исклучат интернетот пред да ги вклучат компјутерите.

Димензиите на штетите не се објавени и кинеските власти се многу дискретни по ова прашање. Националната агенција за кибернетичка безбедност во понеделникот објави дека вирусот се шири низ земја, но со многу бавен ритам.

Државната нафтена компанија „PetroChina“ објави дека во саботата морала на 12 часови да ги исклучи мрежите кои ги поврзуваат бензинските црпки, бидејќи откажало електронското плаќање. Во неделата вечерта околу 80 отсто од мрежата повторно била во функција.

Службените кинески медиуми известија во неделата дека полициските управи во неколку големи градови ги суспендирале активностите освен итните интервенции, но не е познато дали тоа е поврзано со овој кибернетички напад.

Јапонскиот конгломерат „Hitachi“, исто така, имал проблеми со „нестабилните“ компјутерски мрежи, што предизвикало пречки во електронските комуникации, но не се одразило на производството. Во Јапонија се погодени околу 2.000 компјутери во 600 компании и организации, според соопштението на јапонските власти.