![sicilija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/sicilija.jpg?resize=640%2C359&ssl=1)
Земјотресот со јачина од 4,8 степени во Сицилија остави 370 луѓе без покрив над главата и сега лицата се сместени во привремени засолништа изјави директорот на италијанската Агенција за цивилна заштита, Анџело Борели.
Повредени во земјотресот се 28 лица, од кои 10 се во болница. Најтешко повредена е старица на возраст од 80 години.
Експертите за цивилна заштита добиле сигнали за да проценат вкупно 1600 објекти за штетата предизвикана од земјотресот.
Земјотресот се случи вчера изутрина во областа Виагранде, на источната падина на вулканот Етна. Силниот земјотрес беше проследен од серија помали шокови предизвикани од ерупцијата на вулканот во понеделникот.
Денес, Борели ги негираше обвинувањата дека населението можело да биде предупредено за опасноста. Очигледно не можеме да предвидиме земјотреси, рече тој. Борели сепак призна дека локалните власти во областа на Етна немаат соодветен план за акција при слични вонредни ситуации и додаде дека овој проблем треба да биде решен.
Во погодените области од земјотресот во посета ќе пристигнат италијанските вицепремиери Матео Салвини и Луиџи ди Мајо.
Етна е еден од најактивните вулкани во светот.