Стотици милиони луѓе би можеле да бидат загрозени од загадените подземни води до 2100-та

Поради зголемените температури, стотици милиони луѓе би можеле да живеат во области со загадени подземни води, штетни за здравјето, до 2100 година.

„Тоа значи дека оваа вода не може да се пие директно, без двоумење, туку мора да се превари. Во зависност од климатското сценарио, до 2100 година би можеле да бидат погодени до неколку стотици милиони луѓе“, објаснува Сусане Бенц од Технолошкиот институт во германски Карлсруе.

Температурата на подземните води игра клучна улога во квалитетот на водата, а истражувачите велат дека може да влијае на количеството на штетни материи како што се арсен и манган.

„Овие покачени концентрации може да имаат негативно влијание врз здравјето на луѓето, особено ако подземните води се користат како извор на вода за пиење“, додава Бенц.

Поради зголемената температура може да се шират болести како што е легионерската болест, а тоа ќе има и влијание врз биодиверзитетот. Истражувачите истакнуваат дека претходно не се знаело доволно за влијанието на затоплувањето на почвата врз копнените води.

Тимот на Сусана Бенц сега предвидува промени во глобалните температури до 2100 година. Резултатите се објавени во јунскиот број на научното списание Nature Geoscience.

Студијата анализира неколку сценарија – во едно температурата се зголемува за 2,1 степен, а во екстремното за дури 3,5.