Стотици приведени на антивоен протест во Москва

Во руската престолнина втор викенд по ред се одржуваат антивоени протести поради тековниот напад врз Украина. Неделните демонстрации не беа договорени со властите и завршија во бројни притвори.

Според московската полиција, цитирана од новинските агенции РИА и Интерфакс,  приведени се околу 300 демонстранти. Органите на редот навеле „различни нарушувања на јавниот ред“ како причина за апсењата, без да посочат детали. Властите, исто така, не го објавија вкупниот број на учесниците на митингот.

„Властите ги презедоа „сите неопходни мерки“ за да го „спречат“ митингот, кој не беше договорен со градските власти како што налага рускиот закон“, посочи полицијата.

За време на протестот нема информации за инциденти.

Москва не беше единствениот руски град во кој имаше протести во неделата. Во Санкт Петербург околу 150 лица се приведени на сличен митинг во центарот на градот, јавуваат локалните медиуми. На демонстрациите таму, според новинарите, присуствувале многу помал број од претходниот викенд.

На почетокот на март, руските пратеници донесоа закон со кој се криминализира „клеветата“ на руската армија и ширењето „лажни“ информации за руските војници или повикувањето на антируски санкции. Некои опозициски фигури потоа ги обвинија властите дека се обидуваат да го замолчат несогласувањето. Москва го оправда законот со укажување на „информативна војна“ што ја водат САД и нивните сојузници против Русија поради нејзините акции во Украина.