Стотици убиени во вооружени напади во северозападна Нигерија

Вооружени напаѓачи на северозападот од Нигерија убиле најмалку 200 лица во повеќекратни напади во северозападната сојузна држава Замфара, потврдила за AFP во неделата портпаролката на владата.

Со децени во северозапдна и централна Нигерија се одвиваат судири меѓу сточарите и земјоделците околу пристапот до земјиштето, а некои групи се претвориле во криминални банди коишто убиваат, ограбуваат и грабнуваат.

„Ова е страшно и трагично. Погребани се повеќе од 200 лица… проади инвазијата на разбојниците“, изјавила портпаролката на министерството за хуманитарни прашања, Садије Умар Фарук.

Самото министерството уште во саботата соопшти дека се „загрижени поради стотиците раселени лица кои бегаат од своите заедници. Повеќе од 10.000 жртви останале без покрив над главата, откако нивните домови ги разориле разбојниците, а многубројни сѐ уште се водат како исчезнати“, се додава.

Бабанди Хамиду, жител на селото Курф Данија, за AFP рекол дека милитантите пукале во „сѐ што беше на видикот“.

Гувернерот на сојузната држава Замфара, Бело Матавеале, пак, рекол дека загинале далеку помалку лица, според него биле убиени 58 луѓе. Нигерискиот претседател Мухамаду Бухари ги осуди нападите и ги опиша како „чин на очајот на масовните убијци“.

Нигериската влада претходно седмицава ги прогласи разбојниците за терористи за да наметни посторги санкции против осудените вооружени напаѓачи, нивните доушници и приврзаници.

Во моментов на северозападот на Нигерија во тек се воени и полициски операции. Нигериските вооружени сили објавија дека убиле 537 „вооружени разбојници и други криминални елементи“ во регионот, уапсиле 374 лица од мај минатата 2021 година и „спасиле 452 грабнати цивили“.