
Околу стотина лица се приведени во средата вечерта во Брисел поради безредијата по поразот на Мароко од 0:2 од Франција во полуфиналниот натпревар на Светското фудбалско првенство во Катар, извести новинската агенција Belga повикувајќи се на белгиската полиција.
Лицата се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување на две полициски возила и поради недозволен огномет, соопштено е во четвртокот утрото.
Делови од сообраќајниците во центарот на Брисел биле оградени уште пред натпреварот. Според снимките емитувани на белгиските медиуми, биле палени контејнери со смет а се забележуваат и кордони полицајци во опрема за разбивање безредија.
Неколку лица, исто така, се приведени и во судар со полицијата во северниот град Антверпен.
Мароко стана првата репрезентација од Африка која стаса меѓу четирите најдобри на Светско првенство, откако во осминафиналето ја елиминираше Шпанија а во четвртфиналето Португалија, додека во фазата по групи ја победи и Белгија.