Славниот британски рок-бенд The Rolling Stones ја започна својата северноамериканска турнеја пред преполниот стадион во Хјустон во неделата, со луѓе кои се собираат од разни градови за да го видат најдолговечниот „рокенрол циркус во светот“, стравувајќи дека тоа би можело да им биде неговата последна турнеја.
Ова е прв од 16-те закажани концерти во САД и Канада, од кои последниот ќе се одржи во јули во Санта Клара, во Калифорнија. Обожавателите на легендарните Стоунс дојдоа на стадионот NRG во Хјустон облечени во маици со легендарното лого на бендот.
Основани пред повеќе од шест децении, настапот го започнаа со песната „Start me up“. Фронтменот на групата Мик Џегер излезе на сцената во светла јакна со пруги, сива кошула со светки и црни фармерки. А целиот стадион веднаш почна да танцува по тактовите на хитот од 1981 година.
На огромната бина 80-годишниот Џегер танцуваше, скокаше и трчаше по бината. Го следеа и 80-годишниот Кит Ричардс и 76-годишниот Рони Вуд, единствените од оригиналната постава.
„Здраво Хјустон, добро е што се вративме во Државата на осамената ѕвезда“, им се обрати Џегер на толпата на сите возрасти, со значителен број обожаватели над 60 години.
Беа изведени 18 песни во текот на два часа, со популарни класици меѓу кои „Jumping Jack Flash“, „You can’t always get what you want“ и „Out of time“ и три песни од последниот албум „Hackney Diamonds“.
Концертот го затворија со песната „(I can’t get no) Satisfaction“. Седмицава следи специјален настап на фестивалот „Jazz and Heritage“ во Њу Орлеанс.