Штрајк на вработените во „Еурокомпозит“, бараат исполнување на ветувањата

Вработените во државната компанија „Еурокомпозит“, како што најавија ден претходно, во петокот започнаа со штрајк и блокирање на улиците во Прилеп, и притоа порачуваат дека бараат средба со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кои уште лани им ветиле дека ќе го решат нивниот проблем, но досега ништо не било преземено.

Работниците остануваат на своите барања, а тоа се исплата на заостанатите 16 плати и придонесите кои не им биле платени од јуни 2012 година.

„Како што најавивме вчера дека започнуваме со порадикални мерки, тоа денеска го реализираме. Ги блокираме улиците во Прилеп, а доколку Владата нема слух ние планираме да преземеме поригорозни мерки, како што се блокирање на регионални патишта и одење на протест пред Влада. Нашите барања остануват исти, да се започне со исплата на бруто плата и исплаќање на заостанатите плати и придонеси. Никој од вчера ни се нема јавено. Бараме средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи тој ни вети дека ќе се реши состојбата во фирмава и бараме средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев кој ни го ветуваше истото“, вели Роберт Богданоски, претседател на синдикална организација во прилепски Еврокомпозит.

Вработените велат дека единствено само Владата можела да го реши нивниот проблем.

„Ни беше ветувано и прогласување на работниците како технолошки вишок, ги гледате сите луѓето се над 60 години и од тоа нема ништо. Бараме еднаш засекогаш да се реши проблемот и ние конечно, како и сите останати, да започнеме редовно да земаме плата. Дури тие услови не се исполнат, беспредметно е повеќе да се разговара. Затоа бараме средба со премиерот и вицепремиерот. Исто така, планираме да одиме и во Скопје пред Влада, па белким некој ќе се завземе за нас“, вели Пеце Вељаноски, член на синдикалниот одбор.

„Оваа власт што ја имаме, како и претходната, нон-стоп нѐ манипулира да работиме за да ни исплати здравствено осигурување. Ни вика дека нема да добиеме здравствено осигурување додека не почнеме со работа. Дали ние сме такви работници, што во оваа држава само ние 260 вработени во оваа фирма немаме здравствено осигурување. Со уцена мораме да почнеме да работиме, за да ни исплатат здравствено осигурување. Јас не можам тоа да го замислам, кога еден социјален случај зема повеќе плата од мене и има здравствено осигурување“, истакна Зоран Јовчески, вработен во „Еурокомпозит.

Со неплаќањето на придонесите засегнати биле и пензионерите кои сега земале помали пензии.

„Со 34 години платен стаж, 31,5 години признати и со 10.000 денари пензија. Ден и ноќ, 29 години и на снег и на мраз бев изложен, никој ништо не се заинтересира. Пет години стаж не ми е платен. Наместо да земам дванаесет/тринаесет илјади денари пензија, сега земам десет илјади денари пензија“, вели Милан Туманоски.

Вработените рекоа дека од понеделник најверојатно ќе започнат со блокирање на регионалните патишта во Прилеп.