Штрајкот на машиновозачите продолжува додека не се исплатат платите

Машиновозачите ќе продолжат со штрајкот се додека не им се исплати вториот дел од платата за октомври, порача Душко Чакаровски, машиновозач во Македонски железници АД Транспорт на денешната прес-конфеенција.

Тој посочи дека  железничкиот товарен и патнички сообраќај е во целосен прекин поради протестот на вработени во Македонски железници АД Транспорт и додаде дека утринава сообраќал само патничкиот воз за Гевгелија што го управувал вработен што не го испочитувал договорот.

– Ќе протестираме се додека не ни се исплати вториот дел од платата за октомври. Доколку тоа се направи денеска, возовите се подготвени веднаш да се вклучат во сообраќај, рече Чакаровски.

Како што посочи доколку на вработените до 25 декември не им се исплати платата за ноември повторно ќе штајкуваат.

– Доколку не ни се исплати платата за ноември на 26 декември повторно во седум часот ќе престанеме да  ги извршуваме своите работни обврски. За тоа се повикуваме  на ветеното од  министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој во август ни вети дека како за сите  во државата, така и за вработените во МЖ Транспорт ќе се најде решение да се исплаќа платата во целост. Тоа до денеска не се случи иако имаме поднесено барање до генералниот директор Љубиша Ристиќ, изјави Чакаровски