Вработените во кавадаречки „Фени“ излегоа на протест пред филијалите на „Комерцијална Банка“, „Стопанска Банка“ и „Силк роуд Банка“, кои се трите најголеми доверители на кои компанијата им должи над 40 милиони евра.
Го повторија барањето „Фени“ да не оди во стечај оти тоа велат ќе значи пропаст за фабриката и губење на работните места за над 800 работници, објави ТВ Канал 5.
Првиот човек на синдикатот на Фени потврдува располагаат со информации за неколку заинтересирани инвеститори за компанијата, меѓу кои и бугарски „Енекод“.
Бараме и Владата на Република Македонија да се вклучи во целост за изнаоѓање на решение прифатливо за нас вработените, а тоа е да не одиме во стечај , да продолжиме со извршување на нашите работни задачи, да немаме прекин на работниот однос и цело време до моментот на продажбата да имаме статус на вработени во нашата компанија. За нас вработените во „Фени“ воопшто не ни е важно кој ќе биде нов инвеститор. Единствено ни е важно и значи живот за нас и нашите семејства, да продолжиме со работа без прекин, изјави Ѓоре Палитов, Претседател на синдикална организација на „Фени“.
Раководството, доверителите и инвеститорите го држат „Фени“ во заложништво вели Пеце Ристевски, претседателот на гранковиот синдикат.
По поднесените кривични пријави за директорот Миракхмедов, кој пак, подоцна тврдеше дека претходното раководство ја довело фабриката до оваа состојба, и тој се сомнева дека се правеле големи злоупотреби.
Тие располагаат со податоците и можат да се докажуваат едни со други, меѓутоа факт е дека неможе да се оттргне впечатокот дека такви слоупотреби се правени. Во еден период „Фени“ остваруваше милион евра дневно екстра профит. Значи каде сите тие пари се стопија за сега да дојде во оваа ситуација компанијата, изјави Пеце Ристевски, претседател на Синдикат за индустрија, енергетика и рударство.
Во меѓувреме привремениот стечаен управник работи на подготовка на извештајот за „Фени“. Во понеделник, велешкиот суд ќе одлучува дали има услови за отпочнување на стечајна постапка.