![direktor](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/direktor.jpg?resize=541%2C360&ssl=1)
Турци, Срби, Грци, Бугари, Германци, Албанци, Руси и други странски државјани седат во менаџерските фотелји главно на најјаките македонски компании. Најголемите компании во металургијата, осигурителниот, банкарскиот и во телекомуникацискиот сектор, рудниците, нафтениот бизнис, производство на делови за автомобилска индустрија ги управуваат директори-странци. И повеќето од новите странски инвеститори што влегоа во земјава, најчесто во индустриските зони, решија бизнисот да го потпрат на проверени луѓе, најчесто од земјата од каде што доаѓаат, анализира „Дневник“.
Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека во 2011 година работна дозвола добил 1.871 странец, лани биле издадени 2.218 работни дозволи, а во првата половина од годинава 1.194, од кои повеќето се новоиздадени, а не за продолжување. Повеќето од дозволите се за директори, менаџери и за раководни функции, а има и за професионални спортисти.
„Состојбата во Македонија е таква каква што е, односно странските мултинационални компании и инвеститорите што доаѓаат во земјава имаат системско организиран корпоративен менаџмент, кој бара квалитетни кадри. Нашите локални менаџери немаат ниту можност ниту искуство во раководење големи системи, освен образование и едукација, треба и искуство, знаење, односно практично раководење и учествување во такви системи. Кај нас во Македонија и покрај проблемот за регистрација на странци, посебно на менаџери, бидејќи процедурата и документацијата е обемна, сж уште компаниите инсистираат да постават странски менаџери на водечките позиции“, вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија, за весникот.
Моментално најсилните компании во земјава ги раководат странски менаџери. Во македонските рудници, на пример, Саса, има Руси директори, во Тораница и во Злетово се Индијци, а Руси директори има и во „Скопски легури“. Грци се на чело на рафинеријата „Окта“ и во „Фени“, потоа странец е и првиот човек на „Митал стил“.
Странци директори има и во осигурителните и во телекомуникациските компании, како и во ЕВН и во ТАВ.
Ако порано ги прашаа работниците дали им е подобро со Македонец или странец директор, тие беа децидни дека подобри се странците бидејќи го почитуваат договореното, сега генерално велат дека и странците го примиле македонскиот менталитет и се однесуваат речиси исто како и домашните директори.
„Кај нас впечатоците се поделени. Од една страна, имаме странци, кои, веројатно, поради историската традиција и културата ги почитуваат работничките права, социјалниот дијалог, синдикалното организирање и колективниот договор. Но, загрижува тоа што во последно време забележавме појава на различно однесување од претходно, односно истата компанија за разлика од однесувањето во матичната земја, каде што ги почитува работничките права, кај нас тие права сака да ги занемари. Мислам дека тоа се должи на поголемиот комодитет што го имаат тука, но и поради перцепцијата дека има голема понуда на работници и сметаат дека поради тоа може да не се почитуваат дел од правата. Впечатокот е дека внатрешните кадри од претпријатието како да ги потхрануваат тоа чувство и таа перцепција кај странските менаџери кај нас“, вели Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, за „Дневник“.
Скопје е прво на листата со градови од земјава каде што работат најмногу странци. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека лани имало 1.358 дозволи за странци за работа во Скопје, а за шест месеци од годинава дури 1.014 од дозволите биле за работа во Скопје.
Податоците покажуваат дека лани биле издадени 166 дозволи за работа на странци во Гевгелија, 67 за Битола, 55 дозволи за Тетово, 47 за Охрид, 40 за Прилеп, потоа 26 дозволи за работа во Струмица, 30 за Штип.
За годинава податоците покажуваат дека втор град по Скопје, во кој странците сакаат најмногу да работат, е Гевгелија со 90 дозволи, потоа Битола со 43, Тетово со 37 дозволи, Охрид со 31 дозвола, Гостивар со 23, Кавадарци со издадени 24 работни дозволи за странци.
Како лани, така и во шесте месеци од годинава први на листата странски работници што сакаат да работат кај нас се Турците.
„Според државата на потекло на странски државјани, лани најмногу работни дозволи се издадени за лица што доаѓаат од: Турција – 543 лица, Србија – 265 лица; Грција – 216 лица; Бугарија – 139 лица; Германија – 99 лица; Русија – 67 лица; Косово – 104 лица; Албанија – 62 лица и други држави“, информираат од Агенцијата за вработување.
Додека, пак, за првите шест месеци од годинава најмногу работни дозволи се издадени за лица што доаѓаат од: Турција – 319 лица, Србија – 215 лица; Грција – 288 лица; Бугарија – 152 лица; Германија – 45 лица; Косово – 60 лица; Албанија – 37 лица и други држави.
За познавачите, многу подобра опција е домашни кадри да раководат со македонските претпријатијата, но истакнуваат дека се’ уште немаме доволен број менаџери со искуство во управување мултинационални компании. Сепак, во последниве години забележливо е дека странските компании се’ почесто се решаваат да постават домашни кадри на топ-позиции. Најчесто вакви случаи има во банкарскиот сектор каде што македонски граѓани се директори во НЛБ Тутунска банка, Шпаркасе, Уни банка. Македонци директори се и во мобилните оператори „Т-мобиле“ и во „Вип“, како и во осигурителната компанија „Винер“.