Најголемиот обем на странски инвестиции во албанската економија во првиот квартал од 2024 година се недвижностите, објави денеска Централна банка на Албанија. Податоците покажуваат дека инвестициите во овој сектор од нерезиденти, во периодот јануари-март изнесуваат околу 84 милиони евра, што бележи раст од 71 отсто на годишно ниво.
Овие инвестиции претставуваат околу 24 отсто од вкупната вредност на странските директни инвестиции во Албанија.
Според резултатите од редовното истражување на Централна банка, околу 26 отсто од продадените недвижности во втората половина на 2023 година биле купени од нерезиденти, при што третина од земји што не се членки на ЕУ.
Банката проценува дека странскиот инвестициски капитал на албанскиот пазар на недвижности изнесува 1,66 милијарди евра на крајот на првиот квартал од 2024 година, што е зголемување за 41 отсто во споредба со пред една година.
Уделот на странските инвестиции во недвижен имот во Албанија се зголеми за речиси 22 пати во текот на последната деценија.