Јакне соработката меѓу странските инвеститори и домашните бизнисмени. Сè повеќе компании од слободните економски зони вклучуваат локални фирми во процесот на производство, пишува Лидер.
Соработката оди во неколку правци. Прво, од македонските фирми се набавуваат репроматеријали или им се дава да изработат одредени компоненти. Второ, домашни компании се користат како сервисери на машините и на опремата на гигантите од зоните. Трето, градежни компании од земјава се ангажирани при изградба на фабриките. Четврто, домашни фирми се користат и во делот на услугите, како: транспорт и логистика, обезбедување, кетеринг. Според последните податоци, околу 500 македонски компании соработуваат со странските инвеститори.
-Со ова си ги намалуваат трошоците и си создаваат можност за кус временски период да го набават производот или деловите коишто им се потребни. На пример, ако вашиот добавувач е многу оддалечен од вас, целиот процес станува многу комплексен. Затоа, секогаш странските компании ја разгледуваат можноста да најдат добавувачи на локално ниво кои веднаш би ги задоволиле нивните потреби. Домашните фирми треба да се конкурентни со цената. Тоа не значи дека секогаш треба да имаат пониска цена, туку да бидат конкурентни и сертифицирани, објаснува првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.
Во моментов, Дирекцијата за слободни економски зони во соработка со ИФЦ, Светска банка, Министерството за финансии и Агенцијата за привлекување странски инвестиции работат на анализа за начинот на којшто домашните фирми можат дополнително да се поврзат со странските инвеститори.
Соработката со странците – прозорец кон светот!
Соработката на домашните со странските фирми го мултиплицира ефектот на инвестицијата, генерира повисок економски раст, придонесува за отворање нови работни места, за трансфер на знаења и технологии кон македонскиот бизнис – сектор.
-Соработката за нас повлече реорганизација на производствениот процес, зголемување на капацитетите, ангажирање нови работници, раскажува Бојан Ковачевски од струшката Унипласт, која соработува со „Ван Хул“.
Освен „Ван Хул“, услуги од домашни фирми користи и „Џонсон Мети“.
-Ние уште од стартот работиме со домашни компании. На почетокот беше предизвик да се запознаат нашите потреби, каков квалитет на производ бараме, цената и испораката. Се соочувавме и со многу ветувања кои не беа испорачани навреме. Но, со тек на време, развивме база на локални добавувачи кои успеаја да ги спојат квалитетот и цената. Тие од аспект на цената се многу подобри од компаниите однадвор, особено во однос на оние од Европа и САД, вели првиот човек на „Џонсон Мети“ во земјава, Џатин Такрар.
Дополнително, соработката со гиганти од рангот на „Џонсон Контролс“ и „Џонсон Мети“ влијае на имиџот на домашните компании, кои постепено прераснуваат во посакувани партнери.
-Во случајот на „Џонсон Мети“, две домашни компании прераснаа во добавувачи на опрема на глобално ниво, открива Мизо.
Соработката со „Ван Хул“ повлече изградба на нова фабрика!
Соработката на „Актива“ со „Ван Хул“ повлече изградба на нова фабрика во Штип за заварени склопови за автобусите на Белгијците. Се работи за инвестиција од 4,5 милиони милиони евра.
-Во новата фабрика отворивме 100 нови работни места со што, за неполни три години, „Актива“ од фирма со 120 вработени прерасна во колектив со над 300 вработени. Од нив, 10 проценти се високообразовен кадар од металската, машинската и од електро струката, објаснува бизнисменот Иле Николов.
„Развојниот концепт на „Актива“ предвидува бројот на вработени да се заокружи на 500. Оваа компанија реализира производи коишто се конкурентни на светскиот пазар, затоа што автобусите на „Ван Хул“, во чие производство „Актива“ има значителен удел, се продаваат во целиот свет“ – вели вицепремиерот Пешевски.
Првиот човек на белгиската компанија рече дека партнерството со „Актива“ е почеток на нешто многу поголемо и повредно.
Сè повеќе домашни фирми градат партнерства со странците
Во соработка со странските инвеститори се детектирани проблемите кои претставуваат ограничувачки фактор за потесни бизнис – врски со локалните фирми. Решено е да се елиминираат разните бирократски процедури за добавувачите при влезот во слободните економски зони, со што значително се намалени трошоците. Во претстојниот период се очекува зголемување на меѓусебната соработка.
-Се очекува да се зголеми и бројот на компании кои соработуваат со странските инвеститори и вредноста на таа соработка. Податоците за 2014-та се уште се подготвуваат, а во 2013-та од домашните компании кон зоните беше испорачана вредност од 50 милиони евра. Со зголемената соработка, нашите компании ќе можат да конкурираат и за работа со други странски компании од регионот, смета Мизо.
Сите се согласни дека се уште постои простор за дополнителна соработка, особено ако се земе предвид обемот на работа на компаниите од зоните. Во нив постојано се зголемува бројот на вработени, а извозот од ТИРЗ лани надмина милијада евра, за 52% повеќе во однос на претходната година.