Страв од насилство во Мичиген по „исламофобичен“ коментар во WSJ

Градоначалникот на Дирборн во американската сојузна држава Мичиген, Абдула Хамуд, изјави дека полициското присуство околу верските и инфраструктурните објекти во градот е зголемено по коментарот објавен во The Wall Street Journal, кој, како што рече, изразува „нетрпеливост“ и „исламофобија“, пренесува Reuters во неделата.

Влијателниот WSJ во петокот објави напис со наслов „Добредојдовте во Дирборн, американската престолнина на џихадот“.

Градоначалникот и активистите за човекови права од Советот за американско-исламски односи и Арапско-американскиот комитет за антидискриминација го осудија коментарот на WSJ како антиарапски и расистички, затоа што сугерира дека жителите на градот, вклучително и верските водачи и политичари, ги поддржуваат Палестинците, радикалната исламистичка група Хамас и екстремизнот.

„Непромислено. Нетрпелиов. Исламофобично“, изјави градоначалникот на Дирборн, Абдула Хамуд, за написот на WSJ напишан од Стивен Сталински, извршен директор на Институтот за истражување на медиумите на Блискиот исток.

„Одлука со моментално стапување на сила: Полицијата во Дирборн ќе го зголеми своето присуство на сите места за богослужба и главните инфраструктурни точки. Ова е директен резултат на контроверзниот напис на WSJ што доведе до алармантно зголемување на фанатистичката и исламофобна реторика на интернет насочена кон градот Дирборн“, додаде градоначалникот.

Од WSJ не одговориле на барањето на Reuters за коментар. Авторот на спорното дело, Сталински, кусо одговорил дека и натаму стои зад напишаното.

Активистите за човекови права предупредуваат дека забележуваат пораст на исламофобијата, антипалестинската пристрасност и антисемитизмот во САД по избувнувањето на војната на Блискиот исток во октомври. Меѓу инцидентите насочени против палестинската кауза беа пукањето врз тројца студенти од палестинско потекло во Вермонт во ноември и прободувањето до смрт на шестгодишно момченце од палестинско-американско потекло во Илиноис во октомври.