Цените на нафтата паднаа до 75 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи стравувањата на инвеститорите од трговска војна меѓу САД и Кина што ќе ја ограничи побарувачката ги надминаа навестувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека тој повторно би можел да го блокира извозот на иранска нафта.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 98 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 75,22 долари. Речиси за исто толку поевтини и барелот на американскиот пазар и се тргуваше по 71,76 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебни објави дека во вторникот барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки поевтинил за 1,09 долари, на 76,9 долари.
Во вторникот вниманието на трговците беше заокупирано од одговорот на Пекинг на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за увозот од Кина. Пекинг најави дека ќе воведе царини за увоз на американска нафта, течен природен гас и јаглен, поттикнувајќи ги стравувањата кај трговците дека спорот може да ескалира во трговска војна и да го забави глобалниот економски раст и побарувачката за енергенси.
„Хаосот на Трамп во царинската политика и трговската војна не се добри за глобалниот економски раст и побарувачката за нафта. Исклучително каприциозните потези (на американскиот претседател), кои се штетни за економскиот раст, веројатно ќе ги забават деловните инвестиции и личната потрошувачка“, оценува Бјарн Шилдроп од ЅЕВ.
Загриженоста за побарувачката дополнително беше поттикната од силниот раст на залихите во САД, најголемиот светски потрошувач. Залихите на сурова нафта се зголемија за 5,03 милиони барели минатата седмица, а залихите на бензини пораснаа за 5,43 милиони барели, покажуваат изворите кои се повикуваат на податоци од здружението на производителите API. Залихите на дестилати скокнаа уште повеќе, за речиси седум милиони барели. Американското Министерство за енергетика ќе објави податоци подоцна во текот на денот.
Стравувањата од трговска војна и слабеењето на побарувачката ја засенија изјавата на американскиот претседател дека уште еднаш може да прибегне кон мерки за „максимален притисок“ врз Техеран од неговиот прв мандат, кои речиси целосно го блокираа извозот на иранска нафта. Трамп во вторникот потпиша указ со кој се врати цврстата политика кон Иран од неговиот прв претседателски мандат. При потпишувањето на документот, тој рече дека е многу тврд, додавајќи дека е подготвен да постигне договор со Техеран.
„Што се однесува до мене, работите се многу едноставни: Иран не може да има нуклеарно оружје“, рече американскиот претседател. На прашањето колку Техеран е блиску до развој на оружје, тој одговори: „Премногу“.
Иран постојано нагласува дека не сака да развие нуклеарно оружје. Иранската делегација во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето на Reuters за коментар во вторникот за изјавите на американскиот претседател.
Во средата, иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад предупреди дека едностраните санкции врз производителите на нафта ќе создадат нестабилност на енергетските пазари, објави новинската агенција SHANA.
Според проценките на американското Министерство за енергетика, извозот на нафта му донел на Иран 53 милијарди долари во 2023 година и 54 милијарди долари во 2022 година. Иран произведе најмногу нафта минатата година од 2018 година, покажуваат податоците на OPEC.
„Пазарот на нафта е растргнат меѓу загриженоста дека ескалацијата на трговската војна ќе му наштети на растот на глобалната побарувачка на нафта и можните неочекувани нарушувања на извозот на иранска нафта“, го сумира Шилдроп расположението меѓу инвеститорите.