На граничниот премин Богородица сообраќајната фреквенција денеска, во споредба со истиот период лани, е намалена за речиси 90 отсто.
Командирот Јасмина Аврамска за МИА изјави дека од 1 јули, денот кога Грците почнаа без никакви пречки да доаѓаат кај нас, границата на влез во земјава ја поминале само 11.818 грчки државјани или на дневна основа по околу 700 грчки државјани влегувале во земјава што е навистина минорно кога ќе се спореди со оние 8.000 кои во деновите од викендите, до здравствената криза, напросто ја „окупираа“ Гевгелија.
По само неколку месеци од појавата на короната, резултатите од нивното отсутво за влијанието, не само врз развојот на локалната економија, туку и во пошироки рамки, се поразителни. Само во казината во Гевгелија каде според некои проценки годишно се коцкаа над милион грци и оставаа по пет милиони евра месечно пред корона-кризата, стравот од коронавирусот придонесе нивниот број да биде намален од 50 до 70 отсто, што при најлоша опција ги тера сопствениците на казината веќе да размислуваат и за намалување на бројот на вработените.
Покрај казината, нашите јужни соседи ги нема ниту на бензинските пумпи каде полнеа поевтин бензин, ги нема по бутиците, рестораните, аптеките, маркетите, кафулињата, ги нема кај заболекарите ниту, пак, на градскиот пазар каде во четвртокот на пазаран ден беа најбројни.
Стравот од коронавирусот, како и намалувањето на нивната финансиска моќност ,во суштина се главните причини за драстичното намалување на бројот на Грците кои доаѓаа во Гевгелија, но секако не смее да се занемари и фактот што во последно време грчките медиуми од северот на земјата повторно ја покренаа приказната за слабеењето на нивната економија заради прекумерното пазарење и коцкање на нивните државјани кај нас, посебно во Гевгелија.
Омилената фраза кај гевгеличани дека Гевгелија е град на странска инвестиција, која можеби најсликовито го објаснуваше влијанието на грчките посетители врз развојот на локалната економија, почна да го губи смисолот од почетокот на корона-кризата која никако не стивнува. Сега градското шеталиште и дење и ноќе изгледа како во полициски час така што и самите гевгеличани не можат да си го препознаат градот.
Од Грците тука може да се сретнат оние кои уште пред корона-кризата останаа за стално да живеат во Гевгелија. Секојдневниот прилив на Грци, судејќи според сликата на ГП „Богородица“ веројатно ќе треба подолго да се почека.
Патот од границата до Гевгелија е речиси пуст. На излез од земјава во Грција може да отпатуваат само грчки државјани кои работат во земји од Европската Унија, како и оние кои имаат регулиран престој во Грција, а за останатите влезот во Грција е можен само преку Бугарија.
За влез во Грција ГП „Евзони“ останува затворен најмалку до 1 август, а е отворен за сите што преку овој граничен премин ја напуштаат Грција.Транспортниот превоз и понатаму се одвива непречено.