Северна Македонија направи многу во врска со нејзината подготвеност за интеграција во ЕУ, но сè уште останува работа. Ако сегашниот Парламент успее да го донесе законот за јавно обвинителство пред изборите, тоа ќе биде добар сигнал за членките на Унијата, дури и за оние што се поскептични од оние што се страсни поддржувачи на проширувањето на ЕУ, за да ја поддржат идејата за отворање преговори.
Ова во интервју за МИА го вели Томаш Стражај, координатор на Програмата за Централна и Југоисточна Европа во Истражувачкиот центар на Асоцијацијата за надворешна политика на Словачка СФПА.
Оценува дека огромно мнозинство земји членки на ЕУ сè уште се големи поддржувачи на отворањето преговори, како и на проширувањето во целина, и затоа верува дека оваа година ќе се донесе попозитивен сигнал за ова прашање.
Стражај за МИА вели дека идејата за балкански мини Шенген е одлична, поради слободното движење на луѓе, стоки и услуги, но сепак ја наведува опасноста дека некои од скептичните политичари во некои членки на ЕУ може да ова да го употребат како замена за проширувањето на Унијата, но како што посочува, тие се малцинство.
Стражај е познавач на состојбите во регионот, како и на односите во Европската Унија. Тој во Скопје беше гостин на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), што вчера ја одржа Првата сесија од вториот циклус на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19).
Земјава 15 години е кандидат за членство во ЕУ. По десет препорки за почнување преговори, во октомври не беше донесена одлука. Сепак има одредени сигнали од Брисел за позитивна одлука напролет. Какви се вашите очекувања?
– Треба да почекаме до пролет да видиме што ќе се случи. Верувам дека одлуката оваа година на ЕУ ќе биде попозитивна отколку претходната година. Иако би рекол дека одлуката од минатата година да не се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија беше како резултат на разликите во позициите на некои земји членки. Oгромно мнозинство земји членки сè уште се големи поддржувачи на отворањето преговори, како и на проширувањето во целина, затоа веруваме дека оваа година ќе донесе попозитивен сигнал. Исто така, Самитот на ЕУ што ќе се одржи во организација на хрватското претседателство во Загреб ќе биде одлична можност да се презентира нова добра порака не само кон земјите во регионот, но исто така и кон јавноста во ЕУ и во светот. Европската Унија сега се соочува со тешка ситуација, кога една од најважните членки ја напушта Унијата. Затоа во исто време ЕУ ќе даде сигнал дека е отворена кон земјите што сакаат да станат членки и мислам дека ова ќе ни овозможи нам, Европејците, да ја проголтаме оваа горчлива пилула на Брегзит подобро, отколку без позитивна одлука.
Новата методологија на преговарање претставена преку францускиот нон пејпер предлага реверзибилност на процесот на преговори. Дали тоа значи дека преговорите би можеле да траат со децении или, пак, кандидатите во процесот на преговори се подготвуваат за некаков статус на специјални односи со ЕУ?
– Дури и сега е тешко да се каже колку долго ќе трае преговарачкиот процес за секоја одделна земја кандидат. Не мислам дека францускиот предлог е финален, бидејќи има уште идеи од страна на други земји членки, кои се поголеми поддржувачи на политиката на проширување. Сметам дека е најважно да се подготват капацитетите на одделна земја – сега зборуваме за Северна Македонија и Албанија, да се подготват за процесот на интеграција, како и за преговори. Во оваа смисла сметам дека проектот на Националната конвенција игра многу важна улога бидејќи има неколку работни групи и подготвува експерти и ѝ обезбедува на Владата препораки во конкретни области што се суштински за идно пристапување на Македонија во Европската Унија. Градењето капацитети во државата и реформите се аспекти што се потребни и треба да бидат потенцирани. Секако позицијата на ЕУ и на земјите членки е доста важна. Но исто така и барањата кон земјите што преговараат или ќе преговараат за влез во ЕУ.
На земјава ѝ беше кажано дека испорача сè што од неа беше побарано и ги исполни критериумите за членство. Останува уште законот за јавно обвинителство, за кој и еврокомесарот Оливер Вархеји за време на посетата на Скопје посочи дека ќе биде добро да се донесе пред распуштање на Собранието. Кое е вашето мислење, каде земјата во иднина треба да се фокусира и кои се слабите точки на кои треба да се работи?
– Би рекол дека Поглавјата 23 и 24 се клучни за иден развој на секоја одделна земја во регионот и затоа ЕУ на ова посветува големо внимание на напредокот во овие области. Ова е поврзано со мојот претходен одговор. Македонија направи многу во врска со нејзината подготвеност за интеграција во ЕУ, но сè уште останува работа. И затоа мислам дека доколку порано си ја заврши домашната работа, ќе биде подобро. Ако сегашниот Парламент успее да го донесе законот за јавно обвинителство пред изборите, тоа ќе биде добар сигнал за членките на Унијата, дури и за оние што се поскептични од оние што се страсни поддржувачи на проширувањето на ЕУ, за да ја поддржат идејата за отворање преговори.
Во повеќе ваши трудови вие правите паралела помеѓу Вишеградската група (В4) и Западен Балкан. Дали иницијативата за формирање балкански мини Шенген е добра идеја? Што таа може да му донесе позитивно на регионот, а кои се евентуалните ризици?
– Сметам дека идејата е одлична бидејќи подготвува три земји од регионот за процесот на пристапување и за постоењето заеднички пазар во целата ЕУ, бидејки промовира слободно движење на луѓе, стоки и услуги и исто така виртуелно и симболично ги брише границите меѓу овие три земји, така што тоа е во линија на процесот на пристапување. Како и да е, мислам дека има мала опасност дека некои од скептичните политичари во некои членки на ЕУ може да го употребат како замена за проширувањето на Унијата. Но мислам дека тие гласови би биле малцинство. Мнозинството земји членки, како и институциите во ЕУ, ја поздравуваат оваа идеја како чекор кон интеграција на Северна Македонија и другите земји во Унијата.
Со добивањето датум практично почнува ново поглавје меѓу Брисел и Скопје. Тоа ќе биде долготраен процес, за кој треба да се има силен и вешт преговарачки тим. Кое е словачкото искуство и што би имале како совет?
– Нашето искуство е дека е потребно многу работа. Барањата од Брисел се високи и исто така бројот на поглавја е поголем за сегашните земји кандидати отколку што беше во 2004 година, кога Словчка и други земји од Источна Европа се приклучија кон ЕУ. Така што сметам дека градењето капацитети на експерти е перманентен процес и не можете да се откажете од отворањето преговори, или дури откако ќе влезете во ЕУ, бидејќи Унијата речиси секој ден носи нови легислативи и земјите членки мора да бидат подготвени да го усвојуваат тоа законодавство, но исто така да имаат и свои позиции, кои треба да бидат базирани врз сопствена експертиза. Локалната експертиза е навистина потребна и она што Словачка може да го направи е да пренесе дел од своето искуство. Не само во постигнувањата, туку и научените лекции од пристапниот процес на најпријателски начин да ги пренесеме на земји како што е Северна Македонија. Проектот на Националната конвенција може да се смета како правилен инструмент како да ги пренесеме нашите искуства во пристапувањето на вашата земја и како вие можете да учите од нашите грешки со цел да бидете успешна земја членка во иднина. (МИА)