Стресот од пандемијата се манифестира со проблем во говорот кај децата

Пандемијата остави траги во развојот на децата. Според логопедите, поради стресот се зголеми бројот на децата на возраст од 4 до 4,5 години кои имаат проблеми со пелтечењето.

Како што објаснува Даниела Петреска, логопед-дефектолог при амбулантата во прилепскиот Здравствен дом, тоа се проблеми во говорот, предизвикани од стрес поради пандемијата.

Вели дека тоа се препишува на некоја стресна ситуација во домот поради пандемијата.

– Пандемијата си го направи своето во сите сфери на живеењето. Децата не останаа неодминати. Имаме ситуација, кај поголемите дечиња, на 4 до 4 и пол години. Тие развија пелтечење. Тоа се нарекуваат проблеми во флуентноста на говорот. Тоа го припишуваме на некоја стресна ситуација во домот поради пандемијата. Бројот на дечињата со такви проблеми е зголемен. Во време на пандемијата не се работеше еден период, потоа работевме селектирано, предност имаа дечињата кои од септември тргнуваа на училиште. И сѐ уште е голем бројот на децата кои чекаат третман – појаснува Петреска.

Ако на ова се додаде проблемот што последниве години тлее, за решение треба да се зафатат не само родителите, туку и институциите. Стручњаците му дадода нов назив – „екранизација“. Родителите несвесно си го купуваат мирот со мобилните, таблетите, телевизорите. Тоа е проблем за да се развие говорот, но и за сензитивно-емотивниот развој на децата.

– Последниве години и последниов период, проблемот со говорот кај децата е доста зголемен. Имаме голем број дечиња кои имаат проблеми во говорно-јазичниот развој. Има неразвиен говор, проблеми во социоемоционалните односи. Родителите се јавуваат за проблемите на многу порана возраст кај нивните деца. Веќе имаме дечиња и на двегтодишна возраст. Родителот забележува дека детето не говори, не се одзива на името. Најголемите причини, неофицијално, но од наша страна забележано, се во проблемот со „екранизацијата“ на дечињата – додава логопедот.

Поимот „екранизација“ значи неповолно дејствување во развојот на мозокот од мобилните телефони, таблетите, телевизорите и другите уреди. Родителите, како што посочува Петреска, за да си го купат својот мир, несвесно, му го нудат телефонот на своето дете уште од најрана возраст.

– Има случаи кога родителот потенцира дека уште од седум-осум месечна возраст, при активностите, како што е хранењето, на дечињата им го нудат мобилниот телефон или се пред телевизорот. Тоа е период на сензо-моторен развој кај детето. Тоа значи дека детето треба да ги вклучи сите сетила за да се развијат сите функции во мозокот. Ако земеме предвид дека мозокот бара информации за преживување и ако телефонот е пред вашето дете, тогаш информациите доаѓаат само од една насока. Вклучени се само сетилата за вид и за слух. Нема игра, нема движење, нема други активности кои детето треба преку моториката и преку сензорите да ги исполнува. А тоа е основата за развојот на говорот и на социо-емоционалните односи – објаснува логопедот Петреска.

Логопедот-дефектолог Петреска им порачува на родителите да им посветат повеќе внимание на своите деца, ама и прво да ги научат на мајчиниот јазик. На родителите им треба и едукација, а и институциите да обратат поголемо внимание на проблемот што се таложи.

– Првично, препораката до родителот е да се завртат спрема своите деца, уште од најраната возраст. На самите родители им треба една едукација, бидејќи проблемите со говорот кај детето нема сами да се решат. Ние даваме совети. Основна препорака е: чист говор, не ни треба странски јазик уште од најрана возраст. Многу дечиња преку мобилните или цртаните, прво го усвојуваат англискиот јазик. Во одреден момент за родителот е задоволство, а ние ги прашуваме: тогаш зошто го носите за помош за да го развие мајчиниот јазик – објаснува Петреска.

Таа посочува дека во моментов имаат проект за соба за развој на рана стимулација, за да можат, не само со совети, туку и со сензо-моторни третмани да им помогнат на дечињата со проблеми со говорот.