Струјата нема да поскапи повеќе од 1 отсто

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, денеска ги соопшти новите цени за пренос на електрична енергија и за дистрибуција на електрична енергија, како и цената на операторот на пазарот на струја.

„Оној дел што е најбитен и кој се однесува на домаќинствата и на најголем број на малите потрошувачи, делот од мрежарина, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата, таму има намалување за 7 %“, истакна Бислимоски.

Во однос на другите просечни цени, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува 5,68 %, при што влијанието на крајната цена е 4 %, цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува 5,52 %, влијанието на крајната цена изнесува 33 % и цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува 19,8 %, каде што влијанието е екстремно мало и изнесува само 0,19 %, рече Бислимоски.

Според него, не се очекува поголемо покачување на просечната цена на струјата кај домаќинствата, односно Бислимоски не очекува таа да биде поголема од еден процент.

Во врска со дневната евтина тарифа, Бислимоски појасни дека анализите покажале оти цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза, се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот.

„Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Инаку, во однос на дневната евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што има евтина тарифа во текот на денот“, потсети Бислимоски.