Струен удар над вагони е причина за пожарот во кој загина девојче кај Илинден

Според прелиминарните информации од Противпожарната бригада на Град Скопје и од Центарот за управување со кризи, пожарот кој во саботата вечета избувна на вагон цистерна со нафта кај железничката станица во складиште кај скопската населба Илинден не бил подметнат како што првично беше информирано, туку настанал од силен струен удар.

Починатото лицe, според истите извори, било качено на вагонот и се запалило од силен струен удар од електричните жици над вагоните кои биле полни со нафтени деривати.

Случајот во скопската полиција го пријавил дежурниот во Македонски железници. Според првичната негова пријава малолетници ја опожариле цистерната на која имало женско малолетно лице. Но подоцна, наделжните институции го негираа тоа.

Сепак, како што се додава во информациите, ќе се чека увидот од местото на инциденрот да заврши за да се утврдат точните причини за смртта на девојчето и за настанувањето на пожарот.

Пожарот во скопската населба Илинден е веќе изгаснат, најдено е опожарено тело на вагон цистерна кај железничката станица, изјави за Фокус, командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски.

„Имавме пријава за опожарен вагон цистерна. Интервениравме со две возила и седум пожарникари и пожарот е веќе изгаснат. Затекнато е опожарено тело на вагонот цистерна“, изјави Томевски за Фокус.

Последните години, особено во Скопје и приградските населби, се случија неколку слични кобни инциденти на вагони, за што причина е трендот кај младите правењето снимки од ризични локации.