Синот на брат на висок политички функционер од СДСМ направил инцидент во саботата навечер во познат скопски локал во непосредна близина на Министерството за здравство, дознава НетПрес.
Според очевидци, момчето било во алкохолизирана состојба, и очигледно обземено од политичката моќ на својот стрико и економската моќ на својот татко, двајцата од Струмица, почнал да навредува и да провоцира дел од гостите во локалот, кои биле пред влезната врата. По вербалната пресметка и навредувањата на дел од гостите, започнало кошкање и туркање. Додека траел инцидентот, струмичанецот цело време гласно објаснувал пред присутните чиј син и внук е. Но, неколку момчиња од неговата спротиставена страна му рекле дека не ги интересира чиј син и внук е, објаснувајќи му дека тие се од скопското село Грчец и дека ништо не им значи високата политичка позиција на неговиот стрико, ниту името на неговиот татко. За среќа обезбедувањето во локалот успеало да ги раздвои двете страни, и да ја смири ситуацијата, по што сите си заминале, и струмичанецот, за кој очевидците велат дека бил во алкохолизирана состојба и го предизвикал инцидентот, и момчињата од скопското село Грчец.
Но, работата не застанала тука.
Следниот ден, во неделата навечер, возач и дел од обезбедувањето на таткото на струмичанецот, заедно со дел од обезбедувањето на владиниот функционер од СДСМ, отишле на претходно договорена средба со припадници од кланот од Грчец во познат ексклузивен хотел во скопскиот Градски парк. На средбата, припадниците на кланот од Грчец ја прифатиле понудата за помирување, но со услов младиот струмичанец лично се извини.
Нашите извори велат дека ова не е прв инцидент на момчето од Струмица, чиј стрико е висок владин функционер од СДСМ. Имено, минатиот викенд тој имал неуспешен обид да влезе во истиот клуб, бидејќи дошол во тајфа од десетина момчиња од Струмица. Обезбедувањето на локалот не пуштило ниту еден од нив да влезе внатре.
Дали овојпат, младиот струмичанец се почувствувал моќен дека успеал да влезе, па имал потреба од провоцирање и на останатите гости останува нејасно.