Стуб победи на финските претседателски избори

Поранешниот конзервативен премиер Александар Стуб победи во вториот круг од претседателските избори во Финска во неделата, на кои негов противкандидат беше либералниот член на Зелените, поранешен шеф на дипломатијата Пека Хаависто.

Стуб беше прогласен за победник откако во вториот круг доби 51,6 отсто од гласовите, по преброените 99,7 отсто. Хаависто освои 48,4 отсто, покажуваат податоците на Министерството за правда.

„Единственото нешто за што можам да мислам сега е благодарноста. Ова е голема победа за демократијата во Финска“, рече Стуб.

Во телевизиско обраќање, тој ја нарече победата „најголемата чест“ во неговиот живот и рече дека е „исклучително среќен и благодарен што Финците гласаа во толку голем број и што можам да служам како претседател на Република Финска“.

„Александар, честитки за 13-от претседател на Финска“, беа зборовите со кои Хаависто го призна поразот на јавната телевизија.

Стуб е проевропски политичар, голем поддржувач на Украина со цврст став кон Русија.

Стуб и Хаависто влегоа во вториот круг од претседателските избори во Финска, откако ниту еден кандидат не обезбеди доволно гласови во првиот круг пред две недели, во кој се натпреваруваа девет.

Шефот на финската држава се избира за шестгодишен мандат, надворешната политика ја води во тесна соработка со владата, а воедно е и врховен командант на вооружените сили. Оваа улога доби дополнително значење со оглед на геополитичката ситуација во Европа и влезот на Финска во НАТО. Таа земја има граница со Русија долга 1.340 километри.

Стуб треба да ја преземе функцијата на почетокот на март, наследувајќи го претседателот Саули Ниинисто, кој заврши два шестгодишни мандати и повеќе не му е дозволено да се кандидира за функцијата.

Под Ниинисто и со изговор за руската инвазија на Украина, оваа нордиска земја одлучи да аплицира за членство во НАТО во 2022 година. По децениското само декларативна воена неутралнсота а тесна соработка со западната воена алијанса, таа стана 31-ва членка на одбранбената алијанса во април 2023 година.