Стуб води во првиот круг од претседателските избори во Финска

Александар Стуб, поранешниот премиер на Финска, води во првиот круг од претседателските избори во земјата. Според податоците на Министерството за правда објавени по затворањето на избирачките места, Стуб добил 28,3 отсто од гласовите.

На второ место е кандидатот на либералната Унија на зелените, Пека Хависто, со 25,8 отсто од гласовите, додека на трето место е екстремниот десничар Јуси Хала-ахо со 16,1отсто од гласовите. Досега се се преброени 61,3 отсто од сите гласови.

Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 11 февруари.

Финските граѓани денеска избираа меѓу деветмина кандидати – шест мажи и три жени. Право на глас имаат околу 4,5 милиони луѓе кои треба да го изберат наследникот на исклучително популарниот претседател Саули Нииниста, чиј втор шестгодишен мандат истекува во март и не може повторно да се кандидира.

Претседателот на Финска, за разлика од лидерите на повеќето европски земји, има извршна моќ во одредувањето на надворешната и безбедносната политика, особено кога станува збор за земји надвор од ЕУ, како што се САД, Русија и Кина.