Рангирањето на Република Македонија на 127 место од 138 држави, според ранг листата на „Global Firepower“, предизвика големи реакции во јавноста, затоа што некој од надвор за првпат го потврди она што последниве три години постојано се потенцираше во домашните медиуми и во јавноста, а тоа е дека Армијата на Република Македонија систематски се разградува и се уништува.
И пред некој да каже дека „Global Firepower“ не е релевантен извор, сакам да потсетам дека токму овој сајт се смета за кредибилен и е пренесуван од најтиражните светски медиуми, а анализите кои ги прават претставуваат уникатен аналитички дисплеј за секоја држава и нејзините конвенционални воени капацитети и способности. Знаејќи го ова, домашната јавност треба сериозно да се загрижи и заинтересира да добие одговори од Владата и од Министерството за одбрана, како тоа држава која наскоро ќе стане НАТО членка и која треба во иднина да биде интероперабилна со НАТО и да извршува задачи произлезени од НАТО-стратегискиот концепт, во моментов се наоѓа на ист ранг на воени способности со Мадагаскар и Намибија?
Доколку, пак, уште подетално ја погледнеме ранг листатa ќе се заклучиме дека единствена останата европска држава која е полошо рангирана од Република Македонија е Босна и Херцеговина, а нашите соседи, како и останатите земји од регионот се многу пред нас. Па така, Грција е најдобро рангирана од соседите, на 33-то место, Бугарија е 62-ра, Србија е 65-та, додека Албанија е 115-та. Косово не е вклучено во рангирањето.
Непосредното безбедносно опкружување на Република Македонија е под силно влијание како на глобалните процеси, така и од специфичностите на Балканскиот полуостров, како на пример заканите од економски карактер, ескалацијата на социјални или етнички судири кои може да се прелеат од една држава во друга, потоа масовната миграција која се покажа како сериозен безбедносен предизвик во 2015 година и која има потенцијал за дестабилизација на земјите од регионот. Факт е дека рангирањето на „Global Firepower“ најмногу внимание посветува на силата и отпорноста на една држава во контекст на конвенционална воена закана, и се задржува на оние параметри кои се најважни при таква закана, како на пример бројот на активен персонал, резервен персонал, но и на видовите и типовите на оружје со кои располага една држава, колку авиони и хеликоптери има, колку тенкови и оклопни возила, колку артилериски орудија и слично. Стратешките документи на нашето Министерство за одбрана, веројатноста за конвенционален вооружен конфликт во кој би била вклучена Република Македонија ја проценуваат како малку веројатна, но во никој случај не смее да се исклучи ваква ситуација. Ова е причина повеќе за критика на актуелното раководство во Министерството за одбрана, кое и покрај тоа што ја нотира ваквата ситуација, сепак не презема никакви активности кон зајакнување на отпорноста и силата на нашата Армија, туки контрадикторно на ова, прави постапки со кои значително ја намалува нејзината оружена моќ и борбена готовност. Па така, во Стратегискиот одбранбен преглед усвоен во 2018 година се истакнува дека нема да се инвестираат дополнителни средства за модернизација и опремување на тенковските капацитети, освен за тековно одржување. Исто така, според истиот документ, за борбените хеликоптери „Ми-24“ до 2025 година, до истекот на нивниот работен век, нема да има дополнителни инвестиции, освен за тековно одржување. За волја на вистината, се предвидува набавка на нови хеликоптери после 2025 година, но што во меѓувреме?
Оваа анализа, но и некои други постапки на Министерството за одбрана, како на пример, започнувањето па стопирањето на трансформацијата на АРМ, укажуваат на тоа дека доколку не се преземат сериозни активности и вредна работа до крајот на оваа година, нема да биде изненадување ако следното рангирање на „Global Firepower“ го дочекаме во друштво на Сомалија, Либерија и Бутан, кои се на последните три места од ранг листата за 2020 година.
Автор: Александар Нацев за НетПрес