Студентите од Факултетот за бизнис економија поднесоа претставка до Просветниот инспекторат

Студентите кои останаа без професори на приватниот Факултет за бизнис економија зашто од в.д. директорката добија откази, денеска поднесоа претставка до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и барање за увид во документацијата од вонредниот инспекциски надзор започнат во петокот.  Претставката од студентите е поради незадоволството што при надзорот, Просветниот инспекторат не ги вклучил отпуштените професори.

„Ни кажаа дека работат на случајот, дека им недостига одредена документација, дека нема простор за паника. Но, уште како има простор за паника. Јас морам да кажам дека имам колеги на кои им фалат уште два испита, кои се вработени во приватен сектор и ако до ноември не ги донесат дипломите, ќе останат на улица , без работа“, вели Марија Михајловска, студентка на Факултетот за бизнис економија.

Од државниот просветен инспекторат велат дека освен што вршат разговори со инволвираните, веќе ја чешлаат и документацијата на факултетот, но кога би завршила анализата не е познато..

-Од наша страна и во петокот и во понеделникот извршен е инспекциски надзор и прибрана е, морам да кажам, обемна документација. Денеска пред некое време инспекторот разговараше со студентите, доколку има потрба ќе ги повика и професорите. – Јане Николовски – Државен просветен инспекторат

Од 14 септември до 6 октомври, од Факултетот за бизнис економија се отпуштени шест од вкупно седум професори, па акредитацијата на оваа високо образовна институција сега е под знак прашање, затоа што согласно законот, потребно е минимум 10 редовно вработени професори за да работи факултетот.

Отпуштените професори коментираа во понеделникот дека проблемите настанале, откако во јуни за в.д. директорка била назначена Жанина Кировска која го довела факултетот на раб на пропаст. А, Кировска кажа дека отпуштањата се по барање на основачот на факултетот, зашто биле констатирани незаконски дејствија за кои ќе има судска разрешница и дека отпуштените професори набрзо ќе бидат сменети со нови. Но, студентите се револтирани зашто постапката за избор на новите професори дополнително ќе го пролонгира стартот на академската година. Тие најавија протести доколку до понеделник не добијат конкретни одговори од надлежните.