Студентите од ФИНКИ повторно протестираат: Немаме зграда, трчаме до Влада!

„ФИНКИ нема зграда, трчаме до Влада“ извикуваа студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство пред Владата на 2 април каде што пристигнаа трчајќи протестен маратон што го започнаа во Градскиот парк во Скопје.

Ова е втор протест по оној на 21 март кога исто како и денеска го искажаа револтот што нивниот факултет нема сопствени простории и побараа надлежните институции да им обезбедат објекти за настава.

Студентите на маратонот беа предводени од деканот Боро Јакимовски кој истакна дека протестите ќе ги продолжат и во наредните недели за, како што рече, да ја поткренат свеста на државата за проблемот со кој ФИНКИ се соочува веќе 13 години.
На ФИНКИ во моментов студираат околу пет ипол илјади студенти кои следат настава на неколку факултети од техничкиот кампус во Карпош. Бараките кои ги имаат студентите не можат да ги задоволат потребите и затоа се принудени да ги користат предавалните и на соседните Техничко-технолошкиот факултет, Електромашинскиот и на Педагошкиот факултет.

Трајно решение за ФИНКИ е нов објект во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет, но неговата изградба беше стопирана поради стечај на фирмата изведувач.

Додека да се изгради оваа зграда, од факултетот бараат привремен простор и очекуваат да им бидат отстапени просториите на Бирото за развој на образованието (БРО).