
Студентите кои живеат во студентскиот дом Гоце Делчев се задоволни од реновирањето на блокот Б, како и од најавите за реконструкција и на останатите блокови. Вселувањето во реконструираниот блок, односно во реновираните соби каде е поставен комплетно нов мебел се одвива етапно.
Од она што денес можеше да се забележи на терен привршува поставувањето на мебелот на три ката кои преостануваат.
Реновирањето на студентскиот дом Гоце Делчев за оние кои таму живеат значи подобрување на начинот на студирање. Студентите задоволни од новите услови се надеваат дека што поскоро сите студенти од овој дом ќе имаат исти услови.
-Денес се преселуваме ние од петиот кат во новиот реновиран блок Б. Ја запознаваме собата, гледаме дека имаме нови прозорци, многу е потопло. Многу сум задоволен од тоа како е реновирана собата. Посакувам што побрзо да се реновираат и другите три блока и сите студенти да седат во нов и реновиран блок, вели Александар кој е студент трета година.
-Реновирањето на блокот Б многу влијае на студентите со што им се подобрува начинот на студирање. Очекуваме сите блокови да бидат реновирани како овој. Сега тука се е ново, реновираме и за другите блокови се надеваме дека ќе биде исто така, вели Николчо кој е на последна година студии.
Министерството за образование и наука веќе го заврши проектот за реконструкција и санација на блокот „А“, односно вториот следен блок за реконструкција. Распишан е тендер за реконструкција и санација, а понудите ќе бидат отворени на седми декември.
Завршувањето на работите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ би можеле да завршат до крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година.