
Во петок од 12:30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН), Студентски Отпор се приклучува на масовниот протест на студентите и средношколците.
„Крајно време е студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите.
Ништо од она што беше ветувано од страна на МОН и Владата не е остварено, односно имаме:
– Нетранспарентно договарање на цената за субвенциониран студентски оброк од 140 денари кога сите знаеме колкава е инфлацијата и дека таа сума е деградирачка;
– Континуирано доцнење на исплатата на студентскиот оброк;
– Неодговарање на апликациите за студентски оброк;
– Доцнење на исплата на стипендиите на студентите;
– Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани кровови;
– Неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови;
– Труење со храна и мизерен оброк во студентските домови;
– Континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе.
Доста е од деградирање на студентите и оставање на работ на маргините!
Масовно ќе се приклучиме на протестот заедно со средношколците и подготвени сме правдата да ја бараме со искажување на нашиот став и глас преку масовни студентски демонстрации.
Нема да запреме додека се од горенаведеното не биде исполнето!“, велат во објавата на Фејсбук од Студентски отпор.