Додека алармантното загадување на воздухот во Скопје е тема која надлежните никако да ја сфатат сериозно и се вртат како во еден маѓепсан круг со постојана мантра дека „се преземаат решенија“, а резултати нема, граѓаните на секој чекор сведочат за „невидливите“ причини за отровниот воздух.
Еден од бројните примери кои дрско е на очиглед на граѓаните, но и на градската власт и на надлежните министерства, е речиси секојдневниот чад кој излегува од студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во грејна сезона.
Бидејќи сликата со чадот изгледа како да има пожар во домот кој се наоѓа во центарот на Скопје, честопати загрижени граѓани пријавуваат во противпожарната служба.
Ова е фотографија од синоќа и сосема ја оправдува првичната паника кај минувачите, бидејќи навистина изгледа како во студенстскиот дом да избил пожар.
Но, реалноста е друга. Чадот што излегува од покривот на објектот е од сопствениот систем за греење што го има студенстскиот дом.
Тоа го знаат и во противпожарната бригада, каде што се навикнати на повиците на граѓани кои алармираат за евентуален пожар во објектот, и ги смируваат дека нема простор за паника.
Едноставно, чади системот за греење… Чади и загадува… А колку сериозно, надлежните имаат обврска да истражат и да реагираат.
Но, нема простор за паника ни кај градската ни централната власт, бидејќи и тие го знаат тоа, ама веројатно не дошло време за тие фамозни системски мерки против загадениот воздух.
Покрај загадениот воздух, граѓаните се отруја и со ветувањата на надлежните и нивните изјави дека се преземаат краткорочни мерки и се прават анализи за системско решение на проблемот.