![](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/02/liftovi.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Министерството за образование и наука објави тендер за замена на осум лифтови во студентските домови во Скопје. Проектот не го опфаќа домот „Гоце Делчев“ каде што лифтовите се заменуваат при реконструирањето на блоковите.
– Со исклучок на домот „Гоце Делчев“, каде што лифтовите се менуваат паралелно со реконструкцијата на блоковите, во сите останати студентски домови предвидено е да се променат осум лифта. За оваа намена се планирани околу 15 милиони денари од буџетот. Очекувам по завршувањето на целата постапка, во втората половина од оваа година лифтовите да бидат наместени и ставени во функција. Со тоа, по неколку децении ќе се изврши комплетна промена на лифтовите во студентските домови, изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
За студентските домови во другите градови во Македонија нема потреба за лифтови, но тие ќе бидат опфатени со проектот за реконструкција и целосна промена на мебелот.
– Согласно со Законот за јавни набавки, подготовките се во завршна фаза, така што очекуваме во наредниот период да биде објавен и тендер за промена на мебел во сите студентски домови, не само во Скопје, туку и во останатите градови, додаде Ристовски.