Студија на Еко-свест: Најефикасно загревање на битолчани се фотоволтаиците, централното греење од ТЕЦ Битола со децении тапка во место

Најновите истражувaња од експерти во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ покажуваат дека воспоставувањето на централно греење, зависно од ТЕЦ Битола, не е најисплатливото и најефикасно решение за граѓаните. Студијата што ги истражува алтернативите за индивидуално и централно греење за Битолскиот Регион, препорачува поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди за индивидуални куќи и колективни згради што ќе овозможат поголеми заштеди на енергија и намалени трошоци за граѓаните.
Системот за централно греење кој е зависен од ТЕЦ Битола е повеќедецениски проект кој сè уште не е спроведен заради несоодветно планирање. Анализите од студијата на Еко-свест и мрежата CEE Bankwatch Network сугерираат дека достапноста на нови технологии базирани на обновливи извори го прават овој проект скапа и неисплатлива инвестиција.
„За да ја забрзаме енергетската транзиција и декарбонизацијата, мора да почнеме да имплементираме одржливи практики за домаќинствата преку воспоставување на системи за индивидуално и централно греење базирани на чиста енергија. Ваквите системи веќе се практикуваат во земјите од Европа и стануваат се поатрактивни бидејќи во тоа е иднината доколку сакаме да се стремиме кон независност и одржливост на енергетскиот систем. Сончевиот потенцијал кај нас е огромен и неговото искористување за загревање на домаќинствата претставува важен елемент за декарбонизација на регионите зависни од јаглен“ – потенцира Кристина Димитрова од Еко-свест.