Мојата денешна колумна е всушност логична реакција на критичката јавност која професионално се бави со ДНК-та на гасификацијата во државата повеќе од 10 години, а во врска со текстот објавен во јавниот медиум Капитал на 31 мај 2024 година под наслов: „Наместо планираните 700 милиони евра Македонија ќе плати една милјарда евра за гаснатa инфраструктура“.
Текстот е своевидно интервју со експертите од Регионалниот центар за истражување на енергетската политика во Унгарија – „RЕКК“, при што во истото се презентирани заклучоците од нивната последна студија „Планови за гасификација и опции за греење во Република Македонија“.
Експертите од „RЕКК“ се познати во јавноста по тоа што не успееја да го добијат работниот ангажман по распишаниот јавен повик на Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) за техничка поддршка во процесот на селекција на проекти од интерес на енергетската заедница (ПЕЦИ) за 2024 година, што е клучна фаза во зајакнувањето на енергетската инфраструктура кај Договорните страни на ЕЗ.
Задачата од повикот ја доби Хрватскиот Институт – Хрвоје Пожар, под чие менторство во 2010 година беше изработен „Националниот план за гасификација на Македонија со основен проект“.
Согласно на Нацрт-упатството за изработка на Физибилити студии на Министерството за финансии изработено со техничка помош на Светска банка, се разликуваат следните видови на физибилити студии:
Предфизибилити студија:
- Структурирана на ист начин како физибилити студијата;
- Може да се заснова на информации добиени од секундарни извори;
- Основата за евалуација на проектот за време на фазата на иницијална оценка на проектот;
- Испитува поширок опсег на опции и
Физибилити студија:
- Сеопфатна анализа која ги зема предвид сите суштински аспекти на предложениот проект;
- Концизна и структурирана;
- Основата за евалуација на проектот за време на фазата на оценка на проектот и независна контрола и
- Врз основа на примарни податоци.
Цената на изработка на една физибилити студија согласно на експертите од Светска банка се движи во рамките од 20.000 до 30.000 УСД, така да цената на изработка на една предфизибилити студијата е со значително пониска вредност.
Во интервјуто, господата од „RЕКК“ наведоа дека со нивната студија е опфатена само економска, но не и сеопфатна анализа на плановите за гасификација на нашата држава, што по структура нивната студија се сведува на ниво на изработена предфизибилити студија.
Од тука логички се поставува прашањето врз основа на што експертите од „RЕКК“ сугерираат дека: „Време е државата и од економска и од еколошка гледна точка, да ги преиспита своите планови за гасификација“, кога оценката на влијанието врз животната средина е составен дел на една детална физибилити студија што очигледно не спаѓа во делокругот на нивната завршена работа?
Во интервјуто експертите го споменуваат „Планот за гасификација на Македонија од 2020 година“ алудирајќи на „Физибилити студијата за развој на дистрибутивната мрежа во Македонија“ на Грант Торнтон, која е изработена согласно структурата предвидена со националната легислатива т.е. со Уредбата за содржината на физибилити студијата за оправданост на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство (Сл.весник на РМ бр.44/12).
Во студијата на Грант Торнтон покрај економската анализа е опфатена и севкупна правна, техничка анализа како и пресметка на избегнатите штетни емисии од евентуалната секундарна гасификација на државата. Во анализата за намалување на штетните емисии експертите од Грант Торнтон точно ги навеле придобивките од гасификацијата на самата држава: „Природниот гас е едно од најеколошките фосилни горива. Во големи размери се очекува пенетрација на природниот гас во дистрибутивната мрежа во Македонија да доведе до заменување на старите и неефикасни котли кои како гориво користат главно мазут и други нафтени продукти како и цврсти горива вклучувајќи цврста биомаса (дрво). Во принцип, гасот исто така може да ги замени електричните грејачи под одредени околности. Во основното („baseline“) сценарио, вкупните избегнати штетни емисии на NOx во текот на 35-годишниот период на концесијата ќе достигне 8.621 тони, избегнатите емисии на SOx ќе достигнат 59.896 тони, додека избегнатите PM10 честички се 360.875 тони.
Понатаму во интервјуто експертите од „RЕКК“ во однос на капиталните трошоци за гасификацијата (CAPEX) на државата наведуваат:
„Трошоците на мрежата предвидени во главниот план за гас би можеле да достигнат од 791 до 1086 милиони евра за капитални расходи (MEUR CAPEX), без трошоци за користење на земјиштето и дополнителни инвестиции за компресорски станици, што претставува огромна инвестиција која не одговара на оригиналниот план“.
Мора да се укаже дека станува збор за паушално пресметани капитални трошоци (CAPEX) од страна на господата од „RЕКК“ врз база на „напумпана“ пазарна цена за изградба на гасоводната мрежа превземена од Португалија!
Врз основа на склучени договори со разни изведувачи во изминатиот период АД Номагас изгради речиси 280 километри нова примарна гасоводна мрежа, а во тек е евалуацијата на понудите за изградба на новиот интерконективен гасовод со Грција за кој европските институици обезбедија и 20% инвестициски грант. Истовремено Министерството за економија спроведува постапка за развој на секундарната гасоводна мрежа во државата по пат на ЈПП. Во државата децениски оперираат три високотехнолошки компании за производство на квалитени гасоводни цевки наменети за пласман на европскиот пазар од кои две од нив дури имаат стекнато и практично искуство во изведбата на проекти за гасификација(примарна и секундарна мрежа) во нашето ЕУ соседство.
И покрај сето ова акумулирано знаење и практично искуство во изградбата на гасоводните мрежи во нашата држава и регионот, господата од „RЕКК“ не биле во можност да издвојат време да ги посетат горенаведените институции/компании со цел да обезбедат реални податоци за цената на чинење на гасната инфраструктура во Македонија што е дел од опфатот на нивната работа во студијата.
Јасна слика за износот на капиталните трошоци за изградба на гасоводната мрежа во државата даде токму Државниот завод за ревизија, кој во својот „Конечен извештај за извршена ревизија на усогласеност на тема развој на системот за гасификација во Република Македонија“ од март 2024 година, навел: „Во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61km (Клечовци- БС5 изграден), ЛОТ 1– 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра“.
Во економската анализа на студијата на „RЕКК“ воопшто не треба да се навлегува имајќи во предвид дека сите влезни податоци во нивната студиска методологија се автоматски превземени од расположливите статистички центри во државата без притоа аналитички да се разграничи големопродажната од малопродажна цена на енерегенсите, субвенционираната од несубвенционираната енергија во државата, цената по трошок и цената по ангажман на потрошена енергија. Дури и самата тарифна методологија за одредување на цената на гасот користена за потребите на нивната анализа е погрешно превземена ако се земе во предвид дека тарифната методологија беше изменета во декември 2023 година од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Аксиома за даден математички израз – равенка со една или повеќе променливи е ако во равенката се зададат погрешни вредности за променливите содржани во истата тогаш резултатот на крајот од равенството секогаш ќе биде погрешен. Слично е и со аутпутот од економската анализа на „RЕКК“ изведена во рамките на нивната студија, која како што напоменав се базира на нереални влезни податоци за цената на енергенсите на македонскиот пазар.
Во интервјуто, господата од „RЕКК“ ги „истакнуваат препораките од Европската унија и нестабилноста на цената на природниот гас што ги прават плановите за гасификација на државата непривлечни“. Во врска со ова ќе укажам дека токму Европската комисија (ЕК), во последниот извештај за напредокот на Македонија од 8.11.2023 година, во Поглавјето 15 кое се однесува на Енергетиката наведе:
„Земјата е умерено подготвена во делот на енергетиката. Постигнат е одреден напредок во регионалните гасни интерконектори и на обновливата енергија, со инвестиции во соларна енергија“.
Двата гасни проекти за интерконекција на Македонија со соседна Србија („PECI“) и Грција („PMI“) ја добија потребната политичката поддршка токму од Европската комисија во рамките на европските иницијативи и стратегии за регионално инфраструктурно поврзување на земјите од ЕУ и Балканот (EUSAIR).
Вредно е да се спомене дека и цената на природниот по киловат час денес е поевтин од цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата во нашата држава.
Своевидна хипокризија е намерата на господата од „RЕКК“ на еден перфиден начин преку едноставна студија да го дискредитира развојот на единствениот тековен капитален енергетски проект во последите 10 години во државата и тоа во услови кога нивната матична држава секојдневно закупува големи количини на гас и нафта од Русија, Турција, Казахстан и Азербејџан!
Проектот Гасификација на Република Македонија има за крајна цел постигнување на добра меѓусебна поврзаност и функционалност на системите и пазарите за природен гас во регионот и пошироко, поттикнување на сигурноста во снабдувањето со енергија на државата и подобрување на конкурентноста на испораката на енергија од аспект на транзицијата на државата кон декарбонизиран енергетски систем кој ќе биде во можност да се справи со предизвикот на климатските промени.
На крај од куртоазност да не ги изоставам и најзаслужните чинители за оваа студија, невладините организации (НВО) од нашата земја кои очигледно останаа „доследни“ на своите принципи и вредности.
Имено во услови на секојдневни заложби на НВО-ата за ефективно и транспарентно учество на јавноста во активностите за изработка на стратешките документи во државата, фактот дека студијата „Планови за гасификација и опции за греење во Рeпублика Македонија“ во ниту една фаза од нејзината изработка не беше достапна за увид ниту за јавноста, ниту за надлежните институции во државата, е доволен показател дека токму невладините организации во државата како нарачателот на оваа студија – Еко Свест доследно не ги почитуваат обврските за рано и ефективно учество на засегнатите институции и јавноста при изработката на стратешките документи во државата!
Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес