Уругваецот Луис Суарез дебитираше во дресот на Барселона на пријателскиот меч против мексиканскиот Леон кој заврши со убедлива победа на Каталонците од 6:0, одигран во рамките на трофеј „Жоан Гампер“.
Големото засилување од Ливерпул, кој нема да може да игра на официјални натпревари до октомври, ги одигра последните петнаесетина минути.
Овој натпревар го одбележаа кам-бекот на Нејмар и тинејџерот и млада надеж на Каталонците, 19-годишниот Мунир Ел Хадади кои постигнаа по два гола.
Ел Хадади на полувремето го замени токму Нејмар, кој се врати на теренот по тешката повреда заработена на СП во Бразил и постигна два гола.
Голеадата на Каталонците против Мексиканците ја почна Лионел Меси, а ја затвори уште еден тинејџер и играч на Б тимот на Барса, Сандро Рамирес.
Ова е само втора победа на Барселона обезбедена во регуларниот дел од натпреварот во пријателските мечеви во пресрет на подготовките за новата сезона. Претходно го совлада Еспањол, но на пенали, потоа беше подобра од Рекреативо Хуелва со 1:0, ремизираше со Ница 1:1, а загуби со 1:0 од Наполи.
Првиот меч од новата сезона избраниците на тренерот Луис Енрике го играат на 24-ти август на „Ноу Камп“ против Елче.