Субстандардните населби создаваат невидливи заедници за градоначалниците и општините

Речиси секој град во Македонија има субстандардни населби во кои живее ромско население, покажува Извештајот во сенка за спроведувањето на Стратегијата за Роми реализиран од Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико.
Во Извештајот се идентификувани 15 субстандардни населби од кои повеќе од пет се лоцирани во Град Скопје, во општините Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.

„Населбите Ќерамидница, Брсјачка Буна, Кванташки пазар, Злокуќани, Топанско Поле и Лука Геров се составен дел на општините каде што се населила заедницата, честопати препознаена дека живее на почетокот на населбата ‘таму каде што завршува асфалтот’. Овие заедници се најранливи и најмногу ги чувствуваат последиците од климатските промени и како мерка за ублажување на климатски промени, државата мора да има и механизам за заштита на овие ранливи групи граѓани“, покажува истражувањето.

Според реултатите од истото како резултат на неурбанизирањето на населбите каде што живее ромската заедница, ваквите населби немаат основна инфраструктура, луѓето живеат во несоодветни живеалишта, живеалиштата не се легализирани, луѓето најчесто се со нерегулиран граѓански статус, се развива животна средина која е загадена и дополнително негативно влијае врз здравјето и придонесуваа за намален живот век на ромската заедница.

„Овие субстандардни населби добиваат на значење во последните години, честопати од реакциите од населението поради загаденоста на воздухот и создавањето диви депонии, каде што градските власти пишуваат казни или присилно ги уриваат ваквите населби. Субстандардните населби создаваат заедници кои се невидливи за општеството“, вели Алберт Мемети, одговорен за истражувањето.

Според него од истражувањето може да се заклучи дека најкритични се населбите Ќерамидница во општина Гази Баба, населбата Злокуќани во општина Карпош и дел од Топаана во општина Чаир. Овие населби се долгорочно населени населби со нејасен сопственички статус, живеалиштата не се легализирани, одредени делови немаат приклучок до основна комунална инфраструктура, додека населението живее во импровизирани живеалишта. Имајќи во предвид дека горенаведените општини немаат развиено Локални акциски планови, решение се гледа во креирање на такви планови и вклучување во процесот на урбанизација и развивање на инфраструктурата.

Според Мемети, постигнувањето одржлив урбан развој на субстандардните населби во општините е проблем кој се провлекува повеќе од 20 години и кој низ текот на годините придонел за целосна исклученост на дел од ромската заедница од сите општествени текови.

„Целта на овој документ за јавни политики е да поттикне јавна дебата и да ги поттикне централната и локална власт кон креирање програми на локално ниво кои што ќе се насочат кон подобрување на условите за живот и урбанизација на населените места каде што живее ромската заедница во Град Скопје. Документот за јавни политики е подготвен со користење на примарни податоци добиени преку анкетен прашалник на 152 семејства во општините – Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Чаир и Шуто Оризари“, додава Мемети.

Истражувањето е реализирано од април до мај 2023 година со опфат од 152 семејства, односно 529 лица. Според резултатите, околу 74 отсто од живеалиштата во овие населби постојат повеќе од 5 години, што укажува на фактот дека се со постоење подолг временски период. Околу 2 отсто од живеалиштата се само со временски период на постење од 1 година, што дава индикации дека не се зголемува бројот на живеалишта.

„Најголем дел од живеалиштата кои не се легализирани се во Злокуќани, општина Карпош 12 отсто и Лука Геров со 8 отсто. Од живеалиштата кои што не може да се легализираат најголем дел, 15 отсто се наоѓаат во Ќерамидница, општина Гази баба, додека 2 отсто од живеалиштата во Злокуќани. Неможноста да се легализираат овие живеалишта е поради тоа што нема урбанистички план и овие населби имаат и лоша инфраструктура. Предметите во постапка на легализација се поднесени во периодот 2009 – 2015 година. Речиси повеќе од 10 години лицата чекаат да добијат решение за статусот на нивните живеалишта, што е голем временски период и ги става во неизвесност и несигурност нив и нивните семејства поради ризик од нивно уривање“, посочува Мемети.

Во однос на сопственоста на живеалиштата, во најголем број, речиси 68 отсто се сопствени живеалишта, 11 отсто се импровизирани живеалишта, додека 21 отсто се под кирија.

„Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да го штити, чува и унапредува природниот екосистем“, велат од невладината Ромалитико.