Преку јавно извлекување, Министерството за економија денеска ги избра граѓаните кои годинава ќе добијат субвенција за набавка на сончеви колекторски системи. За поврат на дел од вложените средства во сончеви колектори се поднесени над 2.400 барања. Од државниот буџет за годинешното субвенционирање се одвоени шест милиони денари.
Граѓаните кои беа извлечени ќе добијат субвенција во износ до 30 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра, пренесува МИА.
– Продолжуваме со реализација на проектот за подобрување на стандардот на граѓаните со подобрување и намалување на трошоците во сегментот на енергетиката. Министерството за економија како и претходните и оваа година ќе исплати дел од трошоците на граѓаните за поставување сончеви колектори до 30 проценти од трошоците или во апсолутна вредност од 300 евра, изјави министерот за економија Беким Незири.
Интересот за реализација на овој проект, според него, е многу голем. Со оглед дека се поднесени над 2.400 барања, а во програмата за оваа намена се одвоени само шест милиони денари, во интерес на транспарентноста изборот се врши преку извлекување.
– Ова исто така е и сигнал за Министерството за економија и за овој сектор во буџетот за 2016 година да предвидиме повеќе средства и во најмала рака сите граѓани кои ќе имаат ваков интерес да бидат субвенционирани. Тоа од причина што главна цел на секторот за енергетика и на Министерството за економија е употреба на обновливи извори и енергетска ефикасност што е цел и на сите легислативи на ЕУ, рече Незири.
Анализите покажуваат дека едно семејство со вграден сончев колектор може да заштеди 2.400 киловат часа електрична енергија на годишно ниво, односно околу 13.000 денари. – Зависно од опремата што се поставува во најмала рака и во минимални услови е 13.000 денари за една година за едно семејство, но бројката може да достигне и 18.000 денари на годишно ниво, што значи помеѓу 1.300 и 1.500 денари заштеда за месец, појасни Незири.
Министерството за економија го спроведува проектот за доделување субвенции за сончеви колектори од 2007 година.