Судан бара од ОН веднаш да ја прекинат политичката мисија

Судан побара од ОН „веднаш да ја прекинат“ политичката мисија на ОН во земјата (УНИТАМС), изјави вршителот на должноста министер за надворешни работи на Судан Али Садек пред Советот за безбедност на ОН во писмо во кое имале увид западни новински агенции.

„Владата на Судан побара од ОН веднаш да ја прекинат мисијата УНИТАМС. Во исто време, сакаме да ве увериме дека Владата на Судан е посветена на конструктивна соработка со Советот за безбедност“, напиша Садек во писмо упатено до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, кое беше проследено до Советот за безбедност на ОН.

„Целта на формирањето на мисијата беше да и помогне на преодната влада на Судан по револуцијата во декември 2018 година“, напиша тој. Тој додаде дека перформансите на мисијата во спроведувањето на нејзините цели „биле разочарувачки“. Запрашан за одлуката на Судан, портпаролот на Гутереш Стефан Дужарик рече дека писмото е примено и проследено до Советот за безбедност.

Војната избувна на 15 април меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) по неколкунеделни зголемени тензии меѓу двете страни околу планот за интегрирање на силите како дел од транзицијата од воено владеење во цивилна демократија. Специјалниот пратеник на ОН за Судан во септември објави дека се повлекува, повеќе од три месеци откако Судан го прогласи за непожелен откако несогласувањата меѓу ривалските фракции ескалираа во војна.