Нападнат е првиот дипломат на Европската унија во Судан, соопшти доцна ноќта во понеделникот високиот претставник на ЕУ, додека шефот на американската дипломатија потврди дека во понеделникот во оваа африканска земја бил нападнат и американски дипломатски конвој.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека амбасадорот бил „нападнат“ во неговата резиденција, но не даде повеќе информации за нападот или за напаѓачите, пишува агенцијата DPA.
Засега не се знае дали амабсадорот е повреден , иако дипломатски извори јавуваат дека во нападот не настрадал Ирецот Ајдан О’Хара, претставник на ЕУ во немирната африканска земја.
Суданските сили за брза поддршка (Rapid Support Forces – RSF9) нападнале американски дипломатски конвој во понеделникот, објави во вторникот американскиот државен секретар Антони Блинкен, опишувајќи го инцидентот како „непромислен“ и „неодговорен“.
Инцидентот го натера Блинкен директно да ги повика шефот на таа паравоена единица , генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, и началникот на армијата на Судан, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан. Тој им рекол дека секоја закана за американските дипломати е неприфатлива, пренесува Reuters.
„Можам да потврдам дека вчера беше пукано врз американскиот дипломатски конвој“, рече американскиот државен секретар на прес-конференција во јапонското летувалиште Каруизава каде што учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на групата Г7.
„Дадов до знаење дека секакви закани за напад и опасност за нашите дипломати не се прифатливи“, рече шефот на американската дипломатија и додаде дека дипломатите се безбедни.
„Ние сме длабоко загрижени за целокупното безбедносно опкружување кое ги погодува цивилите, дипломатите, како и хуманитарните работници“, нагласи Блинкен.
Блинкен рече и дека САД се во тесна координација со земјите кои имаат влијание врз Судан, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Велика Британија, како и со Африканската унија и други меѓународни организации.
Во борбите во Судан досега загинаа најмалку 185 луѓе, а повеќе од 1.800 се повредени од двете страни, во судирите кои вклучија воздушни и артилериски напади.