Суданската војска ги суспендирала во средата преговорите за прекин на огнот и овозможување на пристапот до хуманитарната помош, изјавил за Reuters судански дипломатски извор, а поради тоа се зголемуваат стравувањата од ново крвопролевање и хаос.
Преговорите меѓу суданската војска и ривалските паравоени Сили за брза поддршка (RSF) започнаа на почетокот на мај, а нивниот резултат е декларацијата за доследност во заштитата на цивилите и два краткотрајни договори за прекин на огнот кои повеќепати беа нарушувани.
Двете завојувани воени формации се согласија за продолжување на еднонеделниот договор за прекин на непријателствата за пет дена, непосредно пред доцна ноќта во понеделникот да истече претходниот.
Двете страни ги кршеа последователните прекини на огнот, предизвикувајќи загриженост поради долготрајното насилство, што може да ги дестабилизира и другите земји во регионот.
Според локалното население, борбите се воделе во јужен Картум и Омдурман до доцна ноќта во вторникот.
Прекинот на огнот беше договорен со посредување на Саудиска Арабија и САД. Двете страни го прекршуваа договорот, но тој овозможи испорака помош за околу два милиона луѓе. Поради војната речиси 1,4 милиони луѓе ги напуштија своите домови, а 350.000 луѓе побегнаа во соседните земји.
Во делови од главниот град Картум раширени се грабежите, а зачестиле и прекините во снабдувањето со струја и вода. Повеќето болници не функционираат.
Обединетите нации, некои хуманитарни агенции, амбасади и делови од централната суданска влада ги преселија своите канцеларии во Порт Судан, на суданскиот брег на Црвеното Море. Во ова клучно суданско пристаниште главно немаше немири.
Водачите на војската и на Силите за брза поддршка ги имаа челниците позиции во владејачкиот Судански совет, откако заедно во 2019 година во народниот бунт го соборија дотогашниот автократ Омар ал-Башир. Заедно го организираа и државниот удар а во 2021 година, требаа да ја препуштат власта на цивилните институции, за меѓу нив на крајот да избие судирот околу командната верига и патот кон цивилната транзиција.